08/11/2007
Србија и ЕУ го парафираа Договорот за стабилизација и асоцијација -- кој се смета за клучен прв чекор кон членството. Сепак, целосната соработка со Трибуналот на ОН за воени злосторства останува услов за неговото конкретно потпишување.
Од Игор Јовановиќ за Southeast European Times во Белград – 08/11/07
![]() (Од лево) српскиот претседател Борис Тадиќ, српскиот вицепремиер Божидар Ѓелиќ и комесарот на ЕУ за проширување, Оли Рен, во средата (7-ми ноември) го парафираа Договорот за стабилизација и асоцијација во седиштето на ЕУ во Брисел. [Getty Images] |
Српскиот вицепремиер Божидар Ѓелиќ и комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен, во средата (7-ми ноември) во Брисел го потпишаа Договорот за стабилизација и асоцијација (ДСА). На церемонијата присуствуваше и српскиот претседател Борис Тадиќ.
Овој потег се случи откако главната обвинителка на ОН за воени злосторства, Карла дел Понте, го информираше Рен дека Белград соработува доволно со Хашкиот трибунал. Сепак, таа јасно стави до знаење дека предавањето на Ратко Младиќ -- обвинет за геноцидот во Сребреница во 1995 година -- останува услов за конкретното потпишување и спроведување на договорот.
Парафирањето значи дека текстот е среден и дека нема да се вклучуваат никакви суштински измени. Сепак, истиот ќе стапи на сила дури откако ќе биде потпишан.
Тадиќ рече дека се надева оти ова ќе се случи за неколку недели. Младиќ и другите преостанати бегалци ќе му бидат предадени на Трибуналот на ОН за воени злосторства ако тие се кријат во Србија, вети тој.
„Некои од обвинетите можеби не се во Србија“, рече тој. „Затоа не можам да кажам дека ќе уапсиме некои од нив. Но, ако тие се наоѓаат на српска територија, бидете сигурни дека ќе ги уапсиме и екстрадираме во Хаг“, рече претседателот.
Рен рече дека се надева оти договорот ќе биде потпишан наскоро, но додаде дека тоа зависи од активностите на Белград.
Некои политички аналитичари рекоа дека парафирањето на договорот -- првично закажано за октомври, но одложено поради недоволната соработка со Трибуналот -- имаше за цел да го охрабри демократскиот блок во Србија додека се бори со тешкото прашање на статусот на Косово. Сепак, Рен ја негираше ваквата намера.
„Косово се решава во рамките на ОН, додека процесот на пристап во ЕУ оди по друг пат“, рече тој.
„Би било погрешно да се очекува Србија или која било друга земја да се откажат од Косово во името на побрзиот пристап во ЕУ. Политичката дебата во Србија треба да биде пренасочена од националистичкото минато кон иднината во Европа“, додаде Рен.
Коштуница рече дека парафирањето покажува оти српската влада „е на најдобар пат да покаже дека може истовремено успешно да ја води интеграцијата во ЕУ и да го брани територијалниот интегритет и суверенитет на земјата“ преку косовските разговори.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's