07/11/2007
ЕУ во вторникот предложи пакет мерки кои ќе водат до собирање информации за патниците во воздушниот сообраќај и ќе ја криминализираат употребата на Интернетот за поттикнување или регрутирање терористи.
(Гардијан - 07/11/07; AФП, Ројтерс, ДПА, ФТ, ББС, Еуобсервер, Европска комисија - 06/11/07)
![]() „Правото на безбедност е само по себе фундаментално право, бидејќи е пред сé право на живот“, рече заменик-претседателот на Европската комисија, Франко Фратини. [Getty Images] |
Комесарот за правда и безбедност на ЕУ, Франко Фратини, во вторникот (6-ти ноември) објави нов пакет предлози за зајакнување на способностите на блокот од 27 нации за борба против тероризмот.
„Терористите ќе нападнат кога и да е, каде и да е и со какви и да е средства, за да постигнат најголем ефект“, изјави Фратини, кој е и заменик-претседател на Европската комисија (ЕК), за новинарите во Брисел, обелоденувајќи го планот.
„Не можеме да бидеме самозадоволни, мораме да продолжиме со постигнувањето на рамнотежа помеѓу свесноста за опасноста и преземањето на соодветни и сразмерни мерки, како на европско, така и на национално ниво, за нејзино спречување“, додаде Фратини.
За да ја илустрира заканата, Фратини на новинарите им рече дека во 2006 година цел на терористичките групи биле 11 земји на ЕУ, на 80 места. Тој додаде дека повеќе од 300 терористички ќелии се под истрага.
За опремување на агенциите за спроведување на законот со соодветни алатки, предлогот на ЕК ќе ја криминализира употребата на Интернетот за терористичка обука, регрутирање и поттикнување.
Пакетот, кој треба да биде одобрен од страна на сите земји-членки за да влезе во сила, вклучува листа од 47 препорачани акциони точки. Помеѓу другите, мерките предвидуваат воспоставување системи за брзо известување за загубени и украдени експлозиви и сомнителни трансакции, развој на способноста во Европол за експлозивна судска медицина и планови за проверка на персоналот во индустријата.
„Следењето на патувањата е едно слабите точки во нашата стратегија за борба против тероризмот. Сепак, терористите патуваат пред и откако ќе извршат терористички напади“, рече Фратини.
За решавање на прашањето, пакетот на ЕК предлага авиопревозниците да ги стават на располагање податоците од Регистерот на патнички имиња (ПНР), за летовите кон и од ЕУ. Податоците ќе ги користат властите вклучени во проценката за ризиците, полицијата и мисиите за борба против тероризмот.
Државите на ЕУ ќе треба да собираат по 19 информации за ПНР, како што се името, пасошот и телефонските броеви, имејл адресата и деталите за плаќањето. Тие, исто така, ќе бидат обврзани да ги чуваат податоците во досие до 13 години и да ги споделуваат со другите земји-членки.
И покрај уверувањата на ЕК дека предложениот систем ќе се користи само за идентификување на потенцијалните терористи и нема да вклучува информации како што се: расната и верската припадност или омиленото јадење, членовите на различните политички групи во Европскиот парламент (ЕП) изразија загриженост.
„Несоодветно е да се предлага одлука на европско ниво за чување податоците, а во исто време да се оставаат прашањата на заштитата на податоците и тоа како податоците треба да се процесоираат целосно до националните законодавци“, рече портпаролот на Зелените/Европската слободна алијанса на ЕП.
„Ако властите за спроведување на законот од земјите-членки се информирани дека патничката агенција или некои броеви на кредитни картички во минатото биле поврзани со терористички напади или заговори, зар не треба тие информации да се споделат?“
Фратини одговори, „Да, јас мислам дека треба да се споделат“.
„Наша цел останува зачувувањето на вистинската рамнотежа помеѓу фундаменталното право на безбедност за сите граѓани, правото на живот и другите фундаментални права на поединците, вклучително и правата на приватност и процедуралните права“, рече тој.