05/11/2007
Активист има намера да пристигне во Пекинг на Летната Олимпијада 2008, по едногодишно хуманитарно патување во инвалидска количка од Македонија.
Од Зоран Николовски за Southeast European Times во Скопје - 05/11/07
![]() Миле Стојковски го започна своето патување на церемонијата во август, од Споменикот на Мајка Тереза на централниот плоштад во Скопје. [Toмислав Георгиев] |
Македонецот Миле Стојковски е првиот маж кој се обидел да помине 15.000 колометри преку 15 земји во инвалидска количка. Неговата цел е да пристигне во Пекинг на 8-ми август, 2008 година, за Летната Олимпијада. Досега Стојковски стигна до Сирија и е на пат кон Јордан, во добра здравствена состојба и ентузијастички расположен за постигнување на целта.
Хуманитарниот пат на Стојковски започна на церемонијата на испраќање кај Споменикот на Мајка Тереза на скопскиот централен плоштад, на 3-ти август. На настанот тој беше поздравен од поддржувачите, меѓу кои и првиот премиер на Македонија, Никола Кљусев.
Мисијата на Стојковски е да ја подигне јавната свест, да привлече спонзори и да собере средства за помош на оние со посебни потреби во Македонија. Како што вели Стојковски, неговата примарна цел е да добие признавање во земјата на физички инвалидизираните лица и да им помогне во нивното подобро интегрирање во општеството.
Во соработка со „Венера“, хуманитарна организација во Прилеп, Стојковски ќе се обиде да формира фонд за помош на хендикепираните. Фондот ќе се користи за изградбата на објекти за потребите на хендикепираните, кои, од друга страна, може да станат инструмент за нивна социјална реинтеграција.
„Сакам да испратам порака на мир до луѓето“, вели Стојковски, кој има намера да посади по едно дрво кое ќе го симболизира мирот на секои 100 километри. Со 15-члениот тим тој ќе патува и низ региони во кои се војува, во Ирак и Авганистан.
Телевизиска екипа го снима патувањето за да направи документарен филм. Медицинскиот тим ја следи неговата здравствена состојба на целиот пат.
Според правилата на тимот, возилата на патот што го опкружуваат мора да се држат на оддалеченост од 500 метри. Стојковски ќе престојува во хотели, додека тимот ќе останува во конвојот од приколки, кој ќе го следат полициски возила во секоја земја.
Турнејата 2007-2008 година до Пекинг не е првиот олимписки предизвик на Стојковски. Во 2004 година, исто така во инвалидска количка, тој патуваше од Прилеп до Атина на Летната Олимпијада.
По Атина, Стојковски се состана со претседателот Бранко Црвенковски и објави дека има намера да патува за Пекинг.
Експедицијата на Стојковски ја поддржа Македонскиот олимписки комитет, Македонскиот Црвен Крст, Македонската адвокатска комора и некои претпријатија.