02/11/2007
Во обид за скратување на бирократските процедури и елиминирање на корупцијата, неодамна основаниот албански Национален центар за регистрација, нуди скратена еднодневна регистрација за новите бизниси.
Од Ерлис Селимај за Southeast European Times во Тирана - 02/11/07
![]() Новите бизниси може да се регистрираат во рок од 24 часа, за разлика од претходно потребните 47 дена. [AФП] |
Новите бизниси во Албанија сега може легално да се регистрираат во рок од 24 часа, со што се избегнуваат долгите бирократски процедури кои траеја и до 47 дена и поттикнуваа мито и корупција.
Според Министерството за економија, кое ги иницираше реформите, новиот процес спојува неколку чекори во еден. Измените се спроведени со финансиска помош од УСАИД, во рамките на Договорот за милениумски промени за Албанија. Договорот од 2006 година има за цел намалување на корупцијата преку реформи во даночната администрација, јавните набавки и регистрирањето на бизнисите.
„Сакаме да обезбедиме полесна, побрза и поевтина процедура на регистрирање на новите бизниси, истовремено даночно регистрирање, социјално осигурување, здравствено осигурување и регистрирање во трудовиот директорат, со помош на една единствена процедура“, рече шефот на Националниот центар за регистрација (НРЦ), Том Кола.
Тој вели дека реформите се значајна фаза во напорите на владата за подобрување на бизнис климата во Албанија. Истите обезбедуваат неколку важни бенефиции за албанските бизниси, како и за странските инвеститори.
НРЦ во голема мера ќе ги поедностави и намали трошоците на услугите за регистрација на бизниси, скратувајќи ги бараните информации. Дозволите потребни за конкретните активности ќе може да се добијат по регистрацијата, а не како предуслов за регистрација на бизнисите и даноците.
Претпријатијата ќе можат да се регистрираат дури и онлајн во блиска иднина. „Виндоу пријавата ќе биде на располагање низ цела Албанија, што ќе им овозможи на бизнисите да се регистрираат локално. Бесплатниот пристап на јавноста до информациите за трговска регистрација, ќе се врши преку Интернет“, рече Кола.
Сепак, можна е правна пречка. Албанија моментно нема закон за книгите што овозможуваат електронска регистрација. Претседателот на албанската Стопанска и индустриска комора, Илир Жила, ја поздрави иницијативата за регистрација. Сепак, тој рече дека „Треба допрва да видиме дали новиот процес на регистрација ќе функционира во текот на следната година“.
На почетокот од септември НРЦ потпиша Меморандум за разбирање со Царината, за пристап до податоците за бизнис и фискална регистрација.
„Меморандумот претставува важен чекор во минимизирањето на корупцијата, со која Албанија се соочува во изминативе неколку години и која им оневозможуваше на бизнисите да функционираат нормално. Преку партнерството со НРЦ ние ќе ги понудиме нашите податоци и искуство“, рече Герта Пицари, генерален директор на Царината.