Одборот на ССМ ги поддржа мерките предложени од Лајчак за зајакнување на институциите на БиХ

01/11/2007

Повикувајќи ги политичарите во Босна и Херцеговина да ги почитуваат своите обврски, клучното тело меѓународни претставници во средата предупреди дека обидите за поткопување на Дејтонскиот мировен договор нема да се толерираат.

(Канцеларија на високиот претставник, Ројтерс, АП, ДПА, Фена - 31/10/07)

photo

Управниот одбор на ПИК објави дека „ги поддржува сите одлуки и предложени активности на високиот претставник кои се целосно во согласност со неговиот мандат и уставот на БиХ“. [OХР]

Изразувајќи целосна поддршка за високиот претставник Мирослав Лајчак, клучното тело на меѓународните претставници во средата (31-ви октомври) ги повика политичарите во Босна и Херцеговина (БиХ) да ги почитуваат и спроведат неодамнешните одлуки на Лајчак во врска со институционалните реформи.

Активностите што тој ги предложи на 19-ти октомври „се целосно во согласност со неговиот мандат и уставот на БИХ“, објави во декларацијата на крајот од неговиот дводневен состанок во Сараево Управниот одбор на Советот за спроведување на мирот (ССМ). „Единствената цел на овие мерки е скратување на процесот на носење одлуки во советот на министри и во парламентот и тие се неопходни за забрзување на реформскиот процес.“

Активностите што Лајчак сака да бидат спроведени до 1-ви декември вклучуваат промени на правилата за кворумот, со кои ќе стане потешко членовите на владата и на парламентот од која било етничка заедница да го блокираат усвојувањето на одлуките или законите со напуштање на седниците.

Потегот на високиот претставник ги разлути политичарите на босанските Срби. Пратениците во парламентот на Република Српска (РС) во вторникот усвоија декларација во која ги отфрлаат предложените мерки како неуставни и спротивни на Дејтонскиот мировен договор.

Критикувајќи ги политичарите за обид за предизвикување политичка криза и доведување во прашање на овластувањата и легитимитетот на Лајчак и ССМ, Управниот одбор ги повика „водачите на РС да ги почитуваат своите обврски“.

Истакнувајќи дека ситуацијата во БиХ уште повеќе се влоши од нивниот претходен состанок во јуни, меѓународните претставници, исто така, ги предупредија политичките водачи од двата ентитета дека употребата на агресивна реторика и обидите за поткопување на напредокот нема да се толерираат.

„Управниот одбор на ССМ потврди дека нема да остане пасивен пред провокативните изјави или дејства“, велат во нивната декларација политичките директори од земјите-членки на одборот и организациите.

Членки на Управниот одбор се: Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Русија, САД, претседателството на ЕУ, Европската комисија и Организацијата на исламските конференции.

„Сите политички водачи во БиХ или институциите кои го доведуваат во прашање високиот претставник или Управниот одбор на ССМ ќе бидат предмет на соодветни мерки“, се вели во изјавата.

Во неа, исто така, се предупредува дека „меѓународната заедница ги задржува неопходните инструменти за борба против деструктивните тенденции и нема да дозволи обиди за поткопување на Дејтонскиот мировен договор, ниту одвнатре ниту однадвор“.

Минатата недела српскиот премиер Воислав Коштуница рече дека мерките предложени од Лајчак претставуваат „отворена закана за основните интереси на српскиот народ“ и имаат за цел укинување на Република Српска. Во неговата изјава на 25-ти октомври, Коштуница, исто така, посочи дека политиката на Лајчак е дел од антисрпскиот план Косово да добие независност.

Иако им се придружи на другите членови на Управниот одбор во нивната поддршка за Лајчак, Русија го критикуваше времето на неговиот потег за промена на гласачките процедури за усвојување одлуки и закони.

„Имајќи го предвид немањето на согласност за овие мерки помеѓу водачите во БиХ, Руската федерација смета дека објаснувањето на мерките во една постабилна клима ќе беше попродуктивно“, вели Русија во специјалната забелешка на крајот од декларацијата.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading