29/10/2007
По години континуирано уништување на шумата околу романскиот главен град, властите сериозно ги сфаќаат еколошките предупредувања планирајќи создавање Зелен појас околу Букурешт.
Од Пол Чиочиу во Букурешт за Southeast European Times - 29/10/07
![]() Букурешт поседува само 25 отсто од шумите што ги имаше во 1989 година. [Getty Images] |
Букурешт доживеа големо уништување на шумите во текот на изминативе две децении, што резултираше со зголемување на загаденоста на воздухот. Сега општинските власти се надеваат дека ќе ја променат оваа тенденција садејќи дрвја во неколку села околу градот, создавајќи Зелен појас.
„Имаме намера да посадиме 200.000 нови дрвја“, рече градоначалникот Адријан Видеану, истакнувајќи дека цената ќе биде помеѓу 5 и 10 милиони евра.
Проектот, кој го препорача Министерството за култура, се спроведува во период од шест години. Покрај подобрувањето на квалитетот на воздухот во главниот град, проектот ќе помогне во контролирањето на урбаниот хаос, ќе обезбеди рекреативен простор и зачувување на природата.
Според експертите, во текот на изминатите 17 години скоро еден милион дрвја се исечени во центарот на Букурешт, а други два милиони во околните области. По соборувањето на комунизмот, големи пространства шумско земјиште им беа вратени на приватните сопственици, од кои голем број одлучија да ги пренаменат за земјоделство. Како резултат на тоа Букурешт поседува само 25 отсто од шумите што ги имаше во 1989 година.
Влијанието врз здравјето е сериозно. Според Здружението на експерти за животна средина (АЕМ) количината на прав во Букурешт изнесува 260 до 280 тони на квадратен километар, додека во другите европски главни градови -- некои од нив и многу поголеми -- е околу два тона на квадратен километар.
Зелените области обезбедуваат „бариера против правта, го прочистуваат воздухот и го намалуваат звучното загадување“ вели заменик-претседателот на АЕМ Флорим Василиу. „Истовремено, тие помагаат да се одржат температурните разлики помеѓу сезоните, деновите и ноќите.“
Скоро 10.000 жители умираат годишно од причини поврзани со загадувањето, објавува Еко-цивика.
Експертите во градското собрание почнаа да прават попис на дрвјата во Букурешт, чиј број се проценува на околу 1,5 милиони. Старите и болни дрвја ќе бидат пресечени и заменети со фиданки.
Скоро еден милион дрвја во Букурешт се стари повеќе од 30 години и ризикот да бидат откорнати од бури, претставува уште една закана, вели Видеану.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's