16/10/2007
Со повеќе пензионери отколку вработени, Романија има проблем да го одржува својот државен пензиски систем. Земјата сега им се придружи на уште 31 земја со приватните фондови.
Од Ѓелу Трандафир за Southeast European Times во Букурешт -- 16/10/07
![]() Недостатокот на млади вработени го отежнува одржувањето на пензискиот систем за постарите. [Габриел Петреску] |
Според новиот систем отпочнат минатиот месец, повеќе од 3 милиони вработени Романци помлади од 35 години мора да изберат еден од 14-те конкурентни приватни пензински фондови пред 17-ти јануари 2008 година. Оние на возраст помеѓу 35 и 45 години може, исто така, да одлучат да се вклучат во еден од приватните фондови.
Почнувајќи од 2008 година, два отсто од општиот приход на секој вработен, ќе бидат пренасочени од државниот буџет во избраниот приватен фонд. Овој придонес постепено ќе се зголемува до 6 отсто до 2015 година и сегашните придонеси од 9,5 отсто на социјалното осигурување во државниот систем ќе се намалуваат соодветно на тоа.
„Неколку милиони Романци ќе станат инвеститори и приватниот пензиски систем ќе ги образува во духот на слободната пазарна економија“, вели романскиот претседател Трајан Башеску.
„Воведувањето на приватниот пензиски систем го одбележува крајот на процесот на транзиција од социјалистичка економија во капиталистичка, создавајќи претпоставки за долгорочна економска стабилност“, вели министерот за финансии, Варујан Восганиан. „Приватизацијата на државниот пензиски систем со ова ќе обезбеди транзиција од популизам во гарантирање на слободата и дигнитетот на пензионерите.“
Сегашниот државен пензиски систем беше оптоварен со несоодветни мониторинг методи и слаб менаџмент. Истиот се соочува и со интензивен притисок поради демографските промени. Малиот број млади вработени ги оставаат постарите без доволно финансиска поддршка за нивните пензии.
„Романија е веќе единствената земја во ЕУ што има повеќе пензионери отколку вработени -- во 2050 година Романија ќе има 145 пензионери на секој 100 вработени“, рече Башеску. Властите, исто така, се надеваат дека префрлањето во приватни фондови ќе го намали црниот пазар на трудот, со оглед на тоа што сега ќе биде во интерес на вработените нивните вистински плати да бидат регистрирани.
Формирана е Комисија за следење на приватниот пензиски систем и 17 претпријатија добија дозвола да ги водат приватните фондови. „Системот е безбеден“, инсистира претседателот на комисијата, Мирчеа Оанчеа. „Претпријатието што нема да може да постигне мининална ефикасност потребна за еден пензиски фонд, ќе биде ставено под специјално следење. Ако продолжи да пропаѓа, Комисијата ќе назначи друго претпријатие да го преземе фондот.“
Според Оанчеа, новиот приватен систем „ја зголемува индивидуалната одговност“. Истиот развива „свест дека само преку штедење во еден долг период на неговиот активен живот, човек може да ужива во сличен животен стандард и откако ќе се пензионира“, тврди тој.
Министерот признава дека првичниот придонес од 2 отсто е мал. Сепак, вели тој, одлуката била донесена за постепено здобивање на довербата на вработените.
Романија внимателно сега се придружува на клубот на 31 земја -- меѓу кои и Бугарија, Македонија и Хрватска -- кои одлучија да се справат со демографскиот притисок врз државните буџети преку приватизација.
Сепак, политичкиот контекст за реформите не е поволен. Романија се соочува со европски, локални и општи избори во рок од една година. Во јуни романскиот парламент едногласно гласаше за зголемување на државниот пензиски систем, скок што ќе предизвика проектиран буџетски дефицит од 2 милијарди евра годишно.