16/10/2007
Разговорите за статусот на Косово треба да се дозволи да продолжат и по 10-ти декември бидејќи е мала веројатноста Белград и Приштина да постигнат решение дотогаш, рече во понеделникот висок српски официјален претставник.
(Блиц - 16/10/07; Ројтерс, АП, Еуопсервер, РФЕ/РЛ, БИРН, Б92, РИА Новости, НАТО, српска влада - 15/10/07; AФП, ДПА, Бета, БИРН - 14/10/07)
![]() „Посредниците предложија да се одржи продолжен состанок на нашата последна средба, ако тие одредат дека има доволно заедничка основа за да се дозволи тоа“, рече српскиот министер за Косово, Слободан Самарџиќ. |
Белград и Приштина, најверојатно, нема да постигнат согласност за взаемно прифатливо решение околу прашањето на статусот на Косово до 10-ти декември, рече во понеделникот (15-ти октомври) српски официјален претставник, повикувајќи ја продолжување на разговорите и по крајниот рок што го одредија ОН за заокружување на процесот.
„Никој не може да очекува позитивен исход до 10-ти декември, во поглед на изнаоѓање решение“, рече српскиот министер за Косово, Слободан Самарџиќ, во Брисел. „Најпозитивен исход би бил ако видиме дека постои можност за продолжување.“
Тој го изјави ова еден ден откако високи српски претставници и претставници на косовските Албанци се состанаа на нови директни разговори за иднината на Косово во белгискиот главен град во неделата.
Разговорите се фокусираа на предлозите што ги изнесоа двете страни за време на нивниот состанок во Њујорк на 28-ми септември, се вели во изјавата на тројката на ЕУ-САД-Русија, објавена по разговорите.
„Белград понатаму го објасни својот предлог за автономија на Косово во рамките на Србија. Приштина го образложи својот предлог за пријателство и соработка помеѓу двете независни држави и целосно спроведување на малцинските права“, велат посредниците. „Двете страни прашуваа прашања и одговараа на меѓусебните предлози.“
И покрај тоа што секоја од страните ја отфрли понудата на другата страна, тие се согласија да се состанат повторно во Виена на 22-ри октомври, кога тројцата претставници -- претставникот на ЕУ Волфганг Ишингер, американскиот амбасадор Френк Визнер и рускиот дипломат Александар Ботсан-Карченко -- се очекува да го претстават работниот документ со точки на кои претставниците на Белград и Приштина би можеле да разговараат.
„Ние мора да ги убедиме да го признаат фактот дека се сé уште премногу далеку и дека сé уште има голема дистанца што треба да се покрие ако навистина сакаме да дојдеме до договор“, изјави Ишингер за новинарите доцна во неделата. „Оваа дистанца ќе бара и некои болни одлуки од едната или од двете страни.“
Скоро 20 месеци по отпочнувањето на процесот на одредување на конечниот статус на Косово, Белград и Приштина останаа на своите позиции околу прашањето. Косовските Албанци, кои сочинуваат 90 отсто од населението на покраинаа од вкупно два милиони жители, инсистираат на добивање целосна независност од Србија, додека Белград вели дека сé што може да понуди е широка автономија.
Тројцата претставници посредуваат во преговорите од август, во име на Контакт-групата од шест нации, која ја сочинуваат Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Русија и САД. Тие ветија во нивните изјави од неделата дека „ќе работат со страните на идентификување на заедничка перспектива што може да го отвори патот за решение“.
На помалку од два месеци пред крајниот рок на 10-ти декември, што го одреди генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун, за завршување на разговорите, тие планираа да реализираат „интензивен распоред на директни состаноци“, по следниот круг разговори на 22-ри октомври.
„Ако има придвижување напред ... можно е дури и да имаме состанок од конференциски тип“, АП го цитираше Ишингер во неделата.
Отфрлајќи секаква можност за мировна конференција од типот на Дејтон, Самарџиќ инсистираше на тоа дека временскиот притисок ќе ги поткопа напорите за постигнување договор.
„Ни треба време за разговори“, рече тој во понеделникот во Брисел, на конференцијата организирана од српска експертска група. „„Ако почнеме да разговараме како две делегации околу нашите легитимни проблеми, ќе ни треба повеќе време. Ако има идеја за компромис, ни треба повеќе време“, додаде тој.
Лути поради одложувањето на решението, косовските Албанци се заканија дека ќе ги земат работите во свои раце и ќе прогласат независност на, или набргу по 10-ти декември.
Некои западни земји јасно ставија до знаење дека ќе го признаат независно Косово, дури и ако тоа не биде поддржано со одлука на Советот за безбедност на ОН.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's