Турција ќе й даде последна шанса на дипломатијата пред да направи потег кон Ирак

15/10/2007

Турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган изминатиот викенд рече дека прекуграничниот упад би можел да биде спроведен „во секој момент кога ќе се смета дека тоа е потребно“. Повеќето дипломати очекуваат интензивирани преговори во текот на следните три недели, наместо директна воена акција.

Од Ајхан Шимшек за Southeast European Times -- 15/10/07

photo

Турски воен камион минатата недела носи тенкови на патот што го поврзува турскиот југоисточен град Чизре со Сирнак. [Getty Images]

Турската влада во понеделник (15-ти октомври) треба да потготви иницијатива за одобрение од парламентот за воена операција со цел искоренување на базите на терористичката Курдистанска работничка партија (ПКК) од северен Ирак. Властите велат дека веќе й дале инструкции на војската да се подготвува.

Во коментарите изминатиот викенд премиерот Реџеп Тајип Ердоган се чинеше решен да преземе дејства „во секој момент кога ќе се смета дека тоа е потребно“ и покрај меѓународните повици за воздржаност.

„Ние сме подготвени да ја платиме цената“, рече Ердоган. Сепак, дипломатски извори велат дека е мала веројатноста за директен упад. Наместо тоа, велат тие, во следните недели најверојатно ќе има интензивирани напори за решавање на проблемот преку дипломатски средства.

И додека турската војска врши притисок за упад, администрацијата на Ердоган е скептична. Сепак, со континуираното насилство на ПКК владата е под зголемен притисок од јавноста да дејствува.

Во обид за вовлекување на Турција во конфликт, според мислењето на многу безбедносни аналитичари, ПКК ја интензивираше својата кампања на терор. На 7-ми октомври милитантите на ПКК вооружени со пушки и експлозиви убија 13 војници во југоисточната покраина Сирнак. Нападот беше еден од најжестоките во последниве години.

Минатата недела Ердоган претседаваше со состанокот за безбедноста на високо ниво, кој беше свикан за разговори околу заканата на ПКК. „Сите релевантни институции ги добиваат неопходните наредби и инструкции за вршење секаков вид правни, економски и политички подготовки за ставање крај на присуството на терористичката организација во соседната земја, вклучително и за евентуална прекугранична операција“, се вели во изјавата објавена по состанокот.

Околу 3.000 милитанти на ПКК се смета дека се кријат во планините на северен Ирак, користејќи ја областа како појдовна точка за нападите во Турција. Околу 150 турски војници се убиени од јануари.

САД ја предупредија Турција дека прекуграничната акција би можела да ја загрози регионалната стабилност. Но, врските помеѓу Анкара и Вашингтон моментно се заладени поради одлуката на американската конгресна комисија за усвојување на резолуција во која масакрите на Ерменците за време на Првата светска војна се прогласуваат за геноцид.

Во саботата американскиот помошник државен секретар Даниел Фрајд и американскиот потсекретар за одбранбена политика, Ерик Еделман, отидоа во Анкара, каде што ги пренесоа тековните напори на администрацијата на Буш за блокирање на ерменската резолуција. Тие, исто така, побараа од турските официјални претставници да не спроведуваат упад во Ирак, велејќи дека тоа ќе ја прошири нестабилноста таму.

Сепак, Ердоган се чини дека ги одби овие препораки. „Нам не ни треба ничиј совет за северен Ирак и операцијата што треба да се спроведе таму“, изјави тој на партискиот митинг во Истанбул изминатиот викенд.

Турскиот министер за надворешни работи, Али Бабаџан, се очекува да го посети Багдат во следните денови, како за подготовките за регионален состанок за Ирак, така и за да ја изрази решеноста на Турција за елиминирање на опасноста од ПКК.

Министрите за внатрешни работи на Турција и Ирак, исто така, се очекува да се состанат подоцна овој месец во Кувајт, на маргините од состанокот за регионална безбедност за Ирак.

Ирачкиот амбасадор во Турција, Сабах Умран, рече дека двата состаноци се важни за надминување на разликите и за избегнување поголема криза во регионот.

Умран, исто така, предупреди против прекугранична операција, велејќи дека тоа ќе ги прекрши суверените права на Ирак. Тој ја искажа подготвеноста на Ирак за продлабочување на дијалогот со Турција за елиминирање на заканата од ПКК.

Договорот за борба против тероризмот потпишан од страна на министрите за внатрешни работи на Турција и Ирак чека на ратификација од страна на ирачките пратеници. Сепак, курдските пратеници веќе изразија различна резервираност во врска со договорот. Пред неговото потпишување, клучниот параграф со кој на Турција й се дозволуваат ограничени жешки операции на прогонување на границата, беше исфрлен од текстот, поради противењето од страна на политичарите на ирачките Курди.

Една од клучните дипломатски битки се очекува да се случи во Истанбул на почетокот од следниот месец. Турција ќе им биде домаќин на соседните земји на Ирак на регионалниот форум, на кој се очекува да присуствува и американскиот државен секретар Кондолиза Рајс.

Ердоган планира посета на Вашингтон на почетокот од следниот месец, на која се очекува да се состане со претседателот Џорџ В.Буш во врска со ПКК.

Заменик-началникот на турскиот Генералштаб, генерал Ергин Сајгун, за новинарите во понеделникот изјави дека е премногу рано да се разговара за времето или обемот на евентуалната воена операција. Деталите од овластувањето на парламентот се клучни, рече тој.

„Ако ни биде доделена оваа должност, ние ќе го разгледаме обемот на нејзиното спроведување. Во моментов не е можно да се одреди тоа“, рече тој.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading