11/10/2007
Американската конгресна комисија ја усвои необврзувачката резолуција во која масовните убиства на Ерменците во последните години од Отоманската империја се опишуваат како геноцид. И покрај тоа што документот нема сила на закон, истиот предизвика остра реакција од Турција.
(Вашингтон пост, Вашингтон тајмс, Ројтерс, АП, АФП, ББС, ФТ, Гардијан, Индипендант, ВОА, Заман - 11/10/07; Њујорк тајмс, Ројтерс, ВОА, ББС, Интернешнал хералд трибјун - 10/10/07)
![]() Турскиот претседател Абдула Ѓул го критикуваше гласањето како „неприфатливо“. [Getty Images] |
Комисијата за надворешни работи на американскиот Претставнички дом во средата (10-ти октомври) усвои резолуција во која масовните убиства на Ерменците во Турција на почетокот од 20-тиот век се нарекуваат геноцид. Овој потег, критикуван од страна на високи официјални претставници во Анкара и Вашингтон, го расчистува патот за гласањето на целиот Дом за овој необрзувачки документ.
Резолуцијата 106 беше одобрена со 27 наспрема 21 глас, и покрај повиците на американскиот претседател Џорџ В. Буш, државниот секретар Кондолиза Рајс и министерот за одбрана, Роберт Гејтс, за отфрлање на мерката.
„Сите ние длабоко жалиме за трагичното страдање на ерменскиот народ кое започна во 1915 година“, рече Буш во изјавата пред гласањето во средата. „Оваа резолуција не претставува вистински одговор на овие историски масовни убиства, и нејзиното усвојување многу ќе им наштети на нашите односи со клучниот сојузник во НАТО и глобалната војна против тероризмот.“
Ерменците тврдат дека 1,5 милиони нивни сонародници биле масакрирани од страна на отоманските Турци помеѓу 1915 и 1917 година, во обид да се протераат од источна Турција. И покрај признанието дека илјадници Ерменци навистина починале за време на турбулентните времиња на Првата светска војна, Турција категорички негира дека се случил геноцид.
Позицијата на администрацијата на Буш е дека Турција и Ерменија треба да бидат оставени да си го разрешат својот спор и дека САД нема да го олеснат помирувањето приклучувајќи се на дебатата.
Документот, кој го претстави републиканецот Адам Шиф (Д-Калиф) и голем број други пратеници на крајот од јануари, е необврзувачки и во голема мера симболичен. Алан Лихтман, професор по историја на Американскиот универзитет, во средата објасни дека ваквите мерки немаат моќ за промена на некој американски закон или политика.
„Необврзувачката резолуција ги изразува ставовите или мислењата на Конгресот“, изјави Лихтман за Гласот на Америка. „Може да биде едниот дом на Конгресот или двата дома на Конгресот, но тоа не ја менува конкретната политика бидејќи нема законска сила.“
Сепак, турските претставници лобираа жестоко против нејзиното усвојување. Нејзиното одобрување од страна на комисијата во средата предизвика брза реакција.
„Одобрувањето од страна на комисијата на оваа резолуција беше неодговорен потег, кој во едно многу чувствително време ќе ги отежни односите со еден пријател и сојузник, и стратешкото партнерство негувано со генерации“, се вели во изјавата на турското Министерство за надворешни работи. Изразувајќи жалење поради одобрувањето на документот, американскиот помошник државен секретар, Николас Барнс, рече дека Рајс ќе ги повика турските водачи в четврток за да им ја објасни позицијата на САД.
„САД го сфаќаат огромното страдање на ерменскиот народ поради масовните убиства и присилните депортации на крајот од Отоманската империја“, рече тој. „Ние ја поддржуваме целосната и правична одговорност за злосторствата што ги снајдоа еден и пол милион Ерменци за време на Првата светска војна, што не го прави и резолуцијата 106 на Домот.“
„Ние сигурно ќе му го изразиме на турското раководство нашето длабоко разочарување и фактот дека се противиме на оваа резолуција“, рече Барнс.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's