Интриги и несогласувања ја опкружуваат приватизацијата на ЈАТ

04/10/2007

Владините министри се поделени околу судбината на српскиот национален превозник, кој треба да оди на пазарот во текот на следната година.

Од Георги Митев-Шантек за Southeast European Times во Белград -- 04/10/07

photo

Приватизацијата на авиокомпанијата ЈАТ се очекува следната година. [Getty Images]

Приватизацијата на српската авиокомпанија ЈАТ со месеци е предмет на домашната и меѓународната љубопитност. Авиокомпанијата, национален превозник на Србија, е во 100-процентна сопственост на владата. Тендерот за приватизација се очекува да биде распишан до крајот на оваа година.

Но, владата е поделена околу продажбата. Вицепремиерот Божидар Ѓелиќ смета дека авиокомпанијата треба да остане во рацете на државата. Но, другите министри сакаат владата да се ослободи целосно од претпријатието и тоа што побргу тоа подобро.

Конзорциум -- предводен од американската банка Ротсчајлд -- беше назначен минатиот месец за советник во приватизацијата. Групата е под договор вреден еден милион евра да ја советува владата за најдобриот начин на кој може да се се спроведе продажбата.

Официјален интерес за авиокомпанијата изрази досега руски „Аерофлот“, додека „Ер Индија“ е заинтересиран за формирање заедничко претпријатие со белградската централа. Сепак, можноста Русите да влезат на балканскиот пазар ја изненади Европската комисија, која е загрижена претпријатие кое е од надвор од ЕУ да влезе во блокот.

Според Договорот за отворени неба, сите европски авиокомпании ќе добијат еднаков третман во земјите-потписнички, почнувајќи од следната година. Србија го потпиша договорот, но сé уште не го ратификуваше. Ако „Аерофлот“ го купи ЈАТ и Србија го ратификува договорот, руското претпријатие ќе може слободно да лета низ Европа и да биде заштитено на домашна територија.

Некои коментатори дури посочија дека Србија се обидува да ја намести продажбата на ЈАТ за Русите за да се оддолжи за поддршката на Москва во прашањето на статусот на Косово. Но, Ѓелиќ ги отфрли овие тврдења.

Она што е сигурно засега е дека ЈАТ ќе биде прво, а можеби и единствено државно претпријатие што ќе биде приватизирано следната година. Секое евентуално одложување само ќе ги влоши работите за фирмата, бидејќи според Договорот за отворени неба пазарот наскоро ќе биде преплавен со нови конкуренти со ниски цени, како што се „Рајанер“ и „Виз ер“.

Српската авиокомпанија нема да може да се продаде лесно. Нејзиниот имот се проценува на 150 милиони евра, иако оваа цифра скока на 400 милиони евра ако резервираните термини на слетување на меѓународните аеродроми бидат вклучени во цената. Долгот на ЈАТ кон Лондонскиот клуб на кредитори го презеде државата. Сепак, претпријатието сé уште е оптоварено со застарена флота -- 16 авиони со просечна старост од 20 години -- и нереализиран договор со „Ербас“. Во 1998 година ЈАТ порача осум авиони А320 и даде учество од 24,5 милиони американски долари. Овие авиони се премногу големи за потребите на авиокомпанијата денес.

Претпријатието е подготвено за приватизација. Реструктуирањето е завршено и сите активности надвор од суштинската активност -- како што се катерингот, хотелите, одржувањето на авионите и операциите на копно -- се одвоени во различни претпријатија кои ги презеде државата. Но, продажбата се случува во тешко време за авио-индустријата, со многу претпријатија на пазарот и недоволно заинтересирани клиенти.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading