Една студија покажа дека Турците „се ладат“ кон Запад

02/10/2007

Разочарувањето од ЕУ и САД се зголемува во Турција. Но, тој тренд е реверзибилен ако се преземат вистинските чекори, вели експерт на германскиот Маршалов фонд.

Од Ајхан Шимшек за Southeast European Times -- 02/10/07

photo

Турскиот министер за надворешни работи, Али Бабаџан, рече дека терористите на ПКК во Ирак и резолуцијата што се чека од американскиот конгрес во врска со тврдењата за ерменски геноцид, се главните прашања што ги попречуваат стратешките односи помеѓу Турција и САД. [Getty Images]

Турците значително се оладија кон САД и кон Европа, и расте чувството на оттуѓување од Запад, според неодамна објавената студија на германскиот Маршалов фонд (ГМФ), американска институција за јавната политика.

Студијата -- Трансатлански тенденции 2007 -- открива континуиран пад во турската поддршка за членството во ЕУ и зголемени критики за глобалното водство на САД и ЕУ. Топлината кон САД падна од 20 степени во 2006 година на 11 степени во 2007 година, на 100 поени на „скалата од термометарот“.

Младите Турци на возраст од 18 до 24 години покажаа нешто потопли чувства отколку националниот просек кон САД (15 степени) и кон ЕУ (28 степени).

„Последниве неколку години беа особено тешки за Турција поради големите проблеми во надворешната политика, со нестабилноста во соседен Ирак, зголемениот број напади на Курдистанската работничка партија (ПКК) и делумниот прекин на разговорите за пристап со ЕУ“, рече висок турски експерт во Фондот, Јан Лесер. „Сé уште верувам дека ова е реверзибилен тренд. Со адекватни чекори од Вашингтон и Брисел, тоа е можно“, додаде тој.

Еден од најважните чекори е да се прифати Турција како сериозен партнер, рече тој, наведувајќи ја важноста на перспективата на земјата за членство во ЕУ.

„Турскиот народ придава голема важност на тоа нивните грижи да добијат сериозен пристап од страна на Американците и Европјаните. Вашингтон и Брисел треба посилно да ја потцртаат важноста на Турција како меѓународен фактор“, рече Лесер.

Иако 40 отсто од испитаниците сé уште гледаат позитивно на членството во ЕУ, поддршката континуирано се намалува. Бројката е за 14 отсто пониска отколку минатата година, а 33 отсто отколку во 2004 година. Разговорите на Турција со ЕУ, пак, беа попречени од несогласувањата околу Кипар и некои други прашања, и некои членки на блокот -- особено францускиот претседател Николас Саркози -- изразија отворено противење на турското членство.

Според студијата на ГМФ, турската поддршка за НАТО, исто така, продолжи да паѓа. Само 35 отсто од испитаниците се согласија дека НАТО е од суштинска важност за безбедноста на нивната земја, во споредба со 44 отсто минатата година и 53 отсто во 2004 година. Аналитичарите велат дека ова е дел од една важна тенденција помеѓу членките на НАТО, која ја одразува збунетоста и недоволната свест кај јавноста за новата улога на Алијансата во борбата против новите безбедносни предизвици.

Врските со САД беа искомплицирани поради лутината на Турција во врска со терористите на ПКК што оперираат од Ирак. Голем број Турци веруваат дека на нивната загриженост не се пристапува сериозно. Многумина, исто така, ги обвинуваат европските земји дека ја поддржуваат ПКК.

Студијата покажа зголемување на негативниот став кон незападните политички актери во регионот. Позитивното чувство кон соседен Иран се намали на 30 степени од термометарот од 43 минатата година. Турските испитаници, исто така, имаат „ладни“ чувства кон Русија (21 степен) и Кина (28 степени) на скалата од 100 степени.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading