20/09/2007
Тројката задолжена да посредува со новите разговори за статусот на Косово се состана со претставниците од Белград и Приштина оваа недела. Фокусот на состаноците беше договање на агенда за директните разговорите помеѓу двете групи подоцна овој месец.
Од Блерта Фониќи-Кабаши и Игор Јовановиќ за Southeast European Times во Белград - 20/09/07
![]() Претставникот на ЕУ во косовската тројка, Волфганг Ишингер (во средината), американскиот дипломат Френк Визнер (десно) и рускиот претставник Александар Ботсан-Карченко се состанаа со двете делегации во Лондон. [Getty Images] |
Косовскиот преговарачки тим во средата (19-ти септемви) беше во Лондон, на состанок со тројката на САД, ЕУ и Русија, која посредува во прашањето на конечниот статус на Косово. Состанокот се фокусираше на организирањето директни преговори помеѓу Белград и Приштина, кои ќе се одржат во Њујорк на 28-ми септември.
Делегацијата од Приштина го претстави документот во кој е изнесена нејзината визија за односите помеѓу Косово и Србија, по одредувањето на статусот на покраината.
Во документот -- кој го претстави косовскиот претседател Фатмир Сејдиу -- се посочува дека Приштина сака да ги заснова овие идни односи на добрососедските односи помеѓу двете земји.
„Независноста е почеток и крај за косовските Албанци во тековните директни преговори со Белград ... ние сакаме да имаме добри односи со Србија, како две различни земји“, рече Сејдиу, додавајќи дека односите треба да се засновани, исто така, и на соработката во врска со прашањата од заеднички интерес, целосната заштита на малцинствата во Косово, напредокот во одредувањето на судбината на исчезнатите лица и враќањето на бегалците.
Во документот, исто така, се наведува дека Приштина сака да соработува со Белград на реализирањето на заедничката визија за интеграција во Европа. „Ние сме решени за напредок заснован на подобрени односи помеѓу двете земји“, рече Сејдиу.
Состанокот со приштинските претставници се одржа еден ден по состанокот на тројката со претставниците од Белград. За време на истиот, српскиот министер за надворешни работи, Вук Јеремиќ, објави дека белградскиот тим за состанокот во Њујорк ќе го предводат српскиот претседател Борис Тадиќ и премиерот Воислав Коштуница.
„Веруваме дека единствено преку чесни, стрпливи и неограничени преговори можеме да постигнеме статус на Косово што ќе биде основа и предуслов за балканската иднина во ЕУ, која е цел на сите влади во регионот“, рече Јеремиќ.
Откако сојузникот на Белград, Русија, ја блокираше резолуцијата за независност на Косово во Советот за безбедност на ОН ова лето, Контакт-групата назначи тројца преговарачи да посредуваат со новите разговори за статусот. Тројката ја сочинува американскиот претставник Френк Визнер, рускиот претставник Александар Ботсан-Карченко и претставникот на ЕУ, Волфганг Ишингер.
Српскиот министер за Косово и Метохија, Слободан Самарџиќ, кој исто така присуствуваше на состанокот во Лондон, рече дека Белград предложил пет точки за разговорите во Њујорк. Првата е создавањето меѓународен договор за идниот статус на Косово, кој ќе ја поддржи суштинската автономија за покраината во рамките на Србија.
Втората е конкретната поделба на власта помеѓу Србија и Косово. Другите теми вклучуваат економски прашања, односите на Косово со меѓународните финансиски институции и присуството на УНМИК во покраината.
„Мисијата на тројката завршува на 10-ти декември. Нашата мисија е шанса што им се дава на Белград и Приштина и јас се плашам дека нема да има друга“, рече Ишингер.
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, рече дека Москва се противи на вештачки крајни рокови за завршување на разговорите за Косово. „Не гледам како унилатералното прогласување независност за Косово може да ја стабилизира ситуацијата во Европа. Тоа би бил почеток на врзани реакции во различни делови од континентот“, рече тој. „Русија сака да избегне такво сценарио.“
Во изјавата издадена по состанокот, тројката ги повика Приштина и Косово да претстават „нови и оригинални идеи и да дадат реални предлози“ за директните разговори. Од двете страни беше побарано „вистински да се ангажираат и да се воздржат од какви било дејства или изјави кои може да се сметаат за провокација“.