14/09/2007
Романската православна црква избра „умерен“ шести патријарх. Гласањето, кое се одржа во време на гласини и обвинувања, уследи по 40-дневниот период на жалост за патријархот Теоктист, кој почина во јули.
Од Ѓелу Трандафир за Southeast European Times во Букурешт - 14/09/07
![]() Митрополитот Даниел (во средината) беше избран за шести патријарх на Романската православна црква. [Габриел Петреску] |
Митрополитот Даниел беше избран за шести патријарх на Романската православна црква во средата (12-ти септември), со 95 гласови од вкупно 161 од Црковниот изборен колеџ. Даниел ќе го наследи Теоктист, кој почина во јули. Изборите се одржаа по предвидените 40 дена жалост.
Даниел, кој беше митрополит на Молдавија и Буковина во североисточна Романија во изминатите 17 години, многумина го сметаат за „модернизатор“. Изборот се сметаше дека се води главно помеѓу Даниел и митрополитот на Клуј, Бартоломеј, кој доби 65 гласови. Бартоломеј (86) се сметаше за „традиционалист“.
Во неделите пред гласањето, кружеа разни гласини и озборувања. Молдавскиот митрополит беше обвинет од некои радикални монашки кругови дека е масон кој ги поддржува „екуменизмот, најголемиот ерес на нашето време“ и дури дека се застапува за планот „за продажба на православјето на католиците“.
Обновените наводи за соработка со поранешните комунисти и со Секуритате ги мачеа главните кандидати. Советот за испитување на архивите на Секуритате треба допрва да ги објави своите заклучоци за врските што некои важни свештеници ги имале со тајната полиција.
Во неговото прво соопштение по изборите, Даниел вети дека „ќе ја продолжи традицијата“. „Патријархот не може да го промени правецот што го воспостави Синод“, рече тој. „Патријархот не работи сам, туку со Синод, со монасите и калуѓерките, со верниците, со целото романско општество.“ Даниел -- кој ќе биде поставен за патријарх на 30-ти септември -- повика на „совет, поддршка и соработка од сите оние кои ја сакаат црквата и земјата“. Тој, исто така, говореше за „обилното наследство“ на патријархот Теоктист, кој почина на 92 години, на 30-ти јули.
Како митрополит, Даниел (56) стекна репутација за неговиот менаџерски стил. Неговата црква стана една од најбогатите од митрополските цркви, иако регионот на Молдавија е еден од најсиромашните во Романија. Даниел финансираше голем број публикации, издавачки куќи и социјални хуманитарни организации, истакнувајќи ја потребата од социјален ангажман на црквата. Тој, исто така, ја создаде една од најголемите приватни радио мрежи во Романија -- Христијанското радио Тринитас -- кое им конкурира на комерцијалните радија.
Даниел воспостави добри односи со католиците и протестантите. Новиот романски патријарх е близок пријател на виенскиот надбискуп кардинал Кристоф Шонборн, пријателство кое започна во 1980 година, кога Даниел беше предавач на Севселенскиот институт во Боси, Швајцарија.
Минатата недела, тој беше домаќин на третото Европско севселенско собрание, состанок на кој, помеѓу другите, присуствуваше и севселенскиот патријарх Бартоломеј Први од Константинопол, митрополитот Кирил од Руската православна црква, кардиналот Каспер и претседателот на Европската комисија.
Во говорот пред групата, Даниел вети дека ќе донесе „поинтензивно христијанско сведоштво“ во Европа, со оглед на тоа што Романија, со најголемата православна црква во светот по Русија, стана членка на ЕУ. Неговите ставови ги потврди и Кирил, кој ја истакна потребата „да й се врати душата на Европа“ и кардиналот Каспер, кој побара од европските христијани „конечно да се разбудат“.
На состанокот Баросо говореше за „мултиетничка, мултикултурна и мултирелигиозна Европа“. ЕУ се спротивстави на повиците да се спомене Господ и христијанските корени на европската цивилизација во нејзиниот устав и во сега ревидираната Реформска спогодба.
Бартоломеј, како што можеше да се забележи, не присуствуваше на Собранието.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's