04/09/2007
Додека Нова демократија сé уште води во анкетите на јавното мислење, помалите партии се чини дека имаа најголема корист од шокот на јавноста.
Од Јоргос Анагностопулос за Southeast European Times во Атина - 04/09/07
![]() Венец виси на изгорен противпожарникарски камион надвор од селото Артемида на полуостровот Пелопонез. [Getty Images] |
Грчкото знаме се вее на пола копје на државните згради, додека бројката на жртвите од деновите на опустошувачките пожари се зголеми на 65. Со помошта од 13 земји, пожарите беа конечно изгаснати.
Со оглед на обемот на катастрофата, многумина очекуваа значителни политички последици. Илјадници луѓе ги изгубија своите домови во зафатените села. Пожарите уништија 500.000 хектари шума и обработливо земјиште и повеќе од 4,5 милиони дрвја маслинки. Безброј домашни животни пцовисаа. Пожарите, најголеми во земјата во изминатиот век, се случија само неколку недели пред предвремените општи избори закажани за 16-ти септември.
И додека премиерот Костас Караманлис и неговата партија Нова демократија (НД) ги обвинија подметнувачите на пожари и „еколошките терористи“, партиите од политичкиот спектрум го фокусираа својот гнев на справувањето на владата со кризата, обвинувајќи ја за неспособност.
Но, истражувањата направени по пожарите укажуваат на интересен феномен. И покрај лавината критики, НД останува во водство во анкетите на јавното мислење, со разлика помеѓу 0,7 и 3,5 отсто.
Истите истражувања покажуваат дека две третини од населението не се задоволни од начинот на кој беше решен проблемот со пожарите, додека еден од тројца сметаат дека за тоа е виновна владата. Сепак, владејачката партија изгуби само еден или два процентни поени.
ПАСОК, најголемата опозициска партија, се чини дека немаше политичка корист од ситуацијата. Истата ја водеше земјата повеќе од една деценија пред да биде поразена од НД во март 2004 година и се обвинува за неизменување на слабите закони за заштита на животната средина додека беше на власт.
Користејќи ја лутината на јавноста, десничарските екстремисти и другите маргинални партии се чини дека имаа најголема корист од актуелната ситуација, што предизвика загриженост дека е можно тие за првпат да влезат во парламентот.
Помеѓу оние кои извлекоа полза се и помалите партии. Голем број гласачи на двете најголеми партии се чини дека се приклонуваат кон маргиналните левичарски и десничарски партии, додека околу 11 отсто рекоа дека се неопределени.
„Овие пожари ја зголемија популарноста на помалите партии“, британскиот весник „Индипендант“ во вторникот (4-ти септември) го цитираше Димитрис Сотиропулос, аналитичар на регионалната експертска група „Елиамеп“. „Ова е резултат на неспособноста на државата да ги спречи пожарите, а потоа да се справи со нив и конечно да ја реши ситуацијата.“
Голем број имејли и блогови ги повикуваат луѓето да гласаат за кој било друг освен за двете најголеми партии. Ваквите повици го одразуваат општото чувство помеѓу Грците дека актуелната влада не е единствениот виновник што нема инфраструктура за справување со овие пожари. Многумина веруваат дека изминатите влади по ред се виновни за ова.
Политички, ова значи дека пет партии е можно да влезат во парламентот. Грција би можела наскоро да остане со слаба влада, зависна од сојузот со другите помали политички сили.
Дописничката на Southeast European Times Светла Димитрова даде свој придонес за овој извештај.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's