Политичарите во БиХ критикувани поради недостатокот на полициски реформи

03/09/2007

Ако не биде постигнат договор за полициските реформи наскоро, шансите Босна и Херцеговина да го потпише клучниот предпристапен договор со Унијата ќе бидат загрозени, предупреди комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен.

(AП, Ројтерс, АФП, ДПА, РФЕ/РЛ - 31/08/07; Канцеларија на високиот претставник - 30/08/07)

photo

„Без договор за полициските реформи во согласност со принципите на ЕУ, ЕУ неа да може да го потпише Договорот за стабилизација и асоцијација со Босна и Херцеговина“, рече комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен. [Getty Images]

Комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен, во петокот (31-ви август) изрази жалење поради тоа што новиот предлог за полициските реформи во Босна и Херцеговина (БиХ), клучен услов за напредокот на земјата во пристапот во ЕУ, беше отфрлен.

„Ова е чекор назад за шансите на Босна и Херцеговина за потпишување на Договорот за стабилизација и асоцијација (ДСА)“, вели комесарот во изјавата. „Босна и Херцеговина сега ризикува уште повеќе да заостане зад своите соседи и да заврши последна на патот кон Европа.“

Неговата изјава беше дадена откако водачите на двете највлијателни бошњачки партии -- Харис Силајџиќ од Партијата за Босна и Херцеговина (СБиХ) и Сулејман Тихиќ од Партијата за демократска акција (СДА) - го отфрлија новиот предлог за полициски реформи.

Тие рекоа дека планот, кој го предложи високиот претставник Мирослав Лајчак, не е во согласност со принципите што ги постави ЕУ и дека е во корист на полициските структури на Република Српска (РС).

„Ова не се полициски реформи, ова е легализација на етнички поделените полициски структури“, рече Тихиќ. „Не можеме да го прифатиме тоа.“

Премиерот на РС Мирослав Додик, пак, исто така го отфрли предлогот како „целосно неприфатлив“ и „неуставен“.

„Неговата иницијатива не го поддржува нашиот став за полициските реформи и не претставува компромисно решени“, Ројтерс ја цитираше неговата изјава на прес-конференцијата.

Во 2005 година ЕУ јасно стави до знаење дека ќе преземе чекори за градење на поблиски врски со БиХ само откако земјата ќе ги реструктуира своите полициски сили во согласност со европските стандарди. Европската комисија (ЕК) постави три принципи за обезбедување на ефикасност на полицијата во земјата, чии два ентитети -- РС и Федерацијата на БиХ -- имаат свои сопствени полициски структури.

ЕУ сака сите законодавни и буџетски надлежности за сите полициски прашања да бидат префрлени на државно ниво, да нема политичко мешање во оперативната работа на полицијата и полициските зони да бидат воспоставени врз основа на професионални критериуми, а не врз основа на етничката припадност.

Обидите за постигнување договор во минатото беа блокирани главно од страна на партиите на босанските Срби. Гледајќи во полициските реформи чекор напред кон укинувањето на РС, тие го блокираа секој предлог за обединување и реорганизација на двете сили во земјата. Отфрлајќи ги тврдењата дека неговиот план се коси со принципите што ги постави ЕУ, Лајчак во четвртокот изрази разочарување од реакцијата на Силајџиќ и Тихиќ на неговиот „фер и урамнотежен предлог“.

„Нема губитници во овој предлог“, рече во изјавата високиот претставник. „Единствени победници ќе бидат граѓаните на Босна и Херцеговина, кои ќе имаат корист од потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација на БиХ со Европската унија.“

Лајчак, кој е, исто така, и специјален претставник на ЕУ во БиХ, ја презеде должноста во јули, ветувајќи дека ќе й помогне на земјата да оди напред по својот пат кон интеграцијата во ЕУ. Минатиот месец тој предупреди дека и покрај тоа што разговорите за ДСА беа завршени во декември, договорот нема да биде потпишан оваа година ако нема договор за полициските реформи до крајот на септември.

Изразувајќи поддршка за предлогот на Лајчак во обид да го олесни договорот, Рен, исто така, инсистираше на тоа дека истиот е во согласност со принципите на ЕУ.

„Силно ги охрабрувам сите политички партии да продолжат да работат конструктивно со г-дин Лајчак врз основа на неговиот предлог и да постигнат сеопфатен договор без одложување“, рече тој во изјавата од петокот.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading