28/08/2007
Новиот српски преговарачки тим за разговорите околу статусот на Косово повторно ќе го водат премиерот и претседателот на земјата, објави Белград во понеделникот.
(Њујорк тајмс - 28/08/07; Ројтерс, Бета, Б92, Балканска мрежа на истражувачко новинарство, српска влада - 27/08/07)
![]() Српскиот министер за Косово, Слободан Самарџиќ (десно), ќе учествува во преговорите в четврток (30-ти август). [Getty Images] |
Србија формираше преговарачки тим за последниот круг разговори околу статусот на Косово. Како и во претходните кругови, истиот ќе биде предводен од премиерот Воислав Коштуница и претседателот Борис Тадиќ.
Целата влада ќе биде дел од тој тим, рече министерот за Косово, Слободан Самарџиќ, во понеделникот (27-ми август). Последните разговори се одржуваат под покровителство на Контакт-групата од шест нации, која ја сочинуваат Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Русија и САД.
Минатиот месец групата задолжи трио дипломати -- Френк Визнер од САД, Александар Ботсан-Карченко од Русија и Германецот Волфганг Ишингер, кој ја претставува ЕУ -- да ги водат последните напори за изнаоѓање решение за прашањето на статусот на Косово.
Официјалните претставници во Белград и Приштина в четврток во Виена треба да одржат одделни состаноци со т.н. „тројка“. Сепак, Коштуница и Тадиќ нема да присуствуваат. Србија, наместо тоа, ќе испрати „политичка делегација“, преводена од Самарџиќ, а во која ќе учествува и српскиот министер за надворешни работи, Вук Јеремиќ.
Плановите на Белград за разговорите се одделни членови на владата да учествуваат на секој посебен состанок, како и да се бара од експерти од различни области да му помагаат на преговарачките тим, како што ќе има потреба.
Цитирајќи неофицијални извори, белградското радио Б92 во понеделникот објави дека ќе има двајца претставници на косовските Срби во српскиот преговарачки тим. Ултранационалистичката Српска радикална партија, наводно, го отфрли повикот на српскиот Национален совет за Северно Косово, нејзиниот заменик-претседател, Томислав Николиќ, исто така да се приклучи на тимот.
За разлика од Белград, Косово се очекува да биде претставено од највисоките официјални претставници на разговорите в четврток во Виена. Според српската новинска агенција Бета, во неговата делегација ќе биде претседателот Фатмис Сејдиу, претседателот на парламентот, Коле Бериша и премиерот Агим Чеку.
Тие ќе бидат придружувани од Хашим Тачи и Ветон Сурои, водачите на Демократската партија на Косово и партијата ОРА, како и од други членови на косовскиот преговарачки тим.
Портпаролот на тимот, Скендер Хисени, рече дека водачите на косовските Албанци ќе пренесат силна порака -- имено, дека територијалниот интегритет на Косово мора да се сочува и дека независноста е тема за која не може да се преговара на преговорите што ќе завршат на 10-ти декември.
Контакт-групата тогаш ќе поднесе извештај до ОН за резултатите на разговорите.
По 13-месечните, претежно бесплодни преговори помеѓу Белград и Приштина, поранешниот специјален претставник на ОН за разговорите околу статусот на Косово, Марти Ахтисари, ги поднесе своите предлози за решението, кои предвидуваат покраината да добие меѓународно надгледувана независност.
Косовските Албанци, кои сочинуваат 90 отсто од населението во покраината од вкупно два милиони жители, го прифатија планот. Белград категорички го отфрли, велејќи дека може да понуди суштинска автономија, но не и директна независност.
Повикувајќи на ставање крај на сегашната политичка неизвесност, Ахтисари во неделата ја повика ЕУ да почне со спроведување на неговиот план, откако извештајот на тројката повторно ќе биде поднесен пред ОН.
„Крајно време е за придвижување од фаза на справување со конфликти во крај на играта“, им рече тој на учесниците на форумот во Блед, Словенија. „Во спротивно, ќе остане ќор-сокакот, но ЕУ не може да си дозволи Косово да стане само уште еден замрзнат конфликт. Да не се прави ништо не е опција.“