Aлбанија ги доби првите суверени рејтинзи од „Мудис“

16/08/2007

Земјата сега планира да финансира дел од својот национален долг преку странските заеми.

Од Јонилда Коци за Southeast European Times во Тирана – 16/08/07

photo

ММФ ќе помогне во надзорот на процесот на позајмување. [Getty Images]

Албанија прави транзиција од изолирана, администрирана економија во пазарна економија, според Инвеститорскиот сервис на „Мудис“. Претходно ова лето, меѓународната агенција за рангирање й ги даде на земјата нејзините први суверени рејтинзи -- Ба1 за обврзниците во странска валута и Б1 за владините должнички обврски.

Албанија, исто така, доби Б2 за банкарските депозити во странска валута, А1 за локалната валута и Баа1 за банкарските депозити во локална валута. „Мудис“ вели дека целокупниот рејтинг што й е доделен на Албанија носи стабилни изгледи. Албанија, заедно со Белорусија, се единствените земји во регионот што немаа суверен рејтинг.

„Добивањето кредитен рејтинг... ја намалува информациската празнина и цврсто ја позиционира Албанија на светската инвестициска карта, создавајќи нови иницијативи за странски директни инвестиции и портфолио инвестиции“, вели Ен Маргарет Вестин, претставник на ММФ во Тирана.

Суверените рејтинзи владите ги користат за подигање капитал за финансирање на националниот долг. Тие й даваат на владата можност да обезбеди дополнителни средства за поконкурентни цени.

Албанската влада вели дека сега планира да издаде еврообврзници за да финансира дел од својот долг. „Ние сме заинтересирани за рангирање на нашата земја, со цел да ги искористиме странските заеми по пониски каматни стапки“, рече министерот за финансии Ридван Боде, за време на состанокот со експертите на „Мудис“ во Тирана.

Засновани на економскиот и фискален план на албанската влада за следните две години, околу 100 милиони еврообврзници, најверојатно, ќе бидат продадени на пазарот. Целта е постепено да се намали домашниот долг со странскиот долг за 5 до 10 отсто, преку искористување на еврообврзниците.

„Проценката на ризикот ќе ја ослободи нашата земја од анонимноста и претпоставениот максимален ризик“, вели Милва Економи, извршен директор на „Агенда“, албанска експертска група.

Сепак, додава Економи, од суштинска важност е количината на странскиот долг финансиран со еврообврзниците, да биде внимателно следена.

Во обид да ја задржат контролата на странскиот долг, ММФ и Централната банка, ќе го надгледуваат процесот на позајмување. Како што и Вестин потврди, „во рамките на програмата на ММФ, ние имаме ограничувања на надворешните позајмувања, кои ќе ја постават горната граница на тоа колку владата може да издаде во оваа фаза“.

Според некои финансиски експерти, ризикот на размената во користењето на еврообврзниците е можна слабост во идните трансакции. Албанска национална валута е лекот, додека долгот треба да се издава во евра, посочуваат тие.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading