05/07/2007
Грција очекува повеќе туристи оваа година, додека се бори да го пробие „исклучиво летниот“ прилив на гости.
Од Атанасе Папандропулос за Southeast European Times во Атина -- 05/07/07
![]() Грција планира да прими 16 милиони посетители ова лето. [Getty Images] |
Грчката министерка за туризам, Фани Пели-Петралија, беше оптимист кога неодамна говореше за зголемени туристички бројки што се очекуваат ова лето. И покрај рекордните жештини, Грција би можела да прими околу 16 милиони гости оваа година.
„Владата е посветена на зголемен туристички прилив од 20 отсто за 2007 година. Оваа цел е амбициозна, но не и невозможна. Ние сме сигурни дека со интензивирање на нашите напори, ќе успееме“, рече министерот.
Околу 15 милиони туристи ја посетија земјата минатото лето. Бројката на гости оваа година се очекува да се зголеми за 7 отсто, според Институтот за туристичко истражување и предвидување. Санторини, еден од 100-те егејски острови, очекува еден милион посетители, 20 отсто повеќе од минатата година, и покрај фактот што брод на крстосување потона во близина на нејзиниот брег во март.
Наводно, најмалку една третина од гостите оваа година ќе бидат од Велика Британија и Германија, најлојалните грчки пазари. Но, најголеми зголемувања се очекуваат од САД и Русија, при што се очекува бројот на гостите да биде за 50, односно 20 отсто повисок, или за околу 1,7 милион туристи. Зголемување на пазарот се очекува и од жителите на новите земји-членки на ЕУ од Балканот, како и од Кина.
„Грција не е само популарна дестинација, туку и преферирана дестинација, што е голема разлика“, рече Пали-Петралија.
Туризмот претставува голема индустрија во Грција, која сочинува една петтина од БДП на земјата и едно на пет работни места. Минатата година туризмот забележа приход од 11 милијарди евра -- рекорд што се очекува да биде надминат оваа година и покрај жестоката конкуренција од медитеранските ривали, како што се Шпанија, Турција и Египет, и поновите конкуренти како што се Хрватска и Црна Гора.
Но, спомените за падот во туризмот што започна по терористичките напади на 11-ти септември, 2001 година, и продолжи до Атинската олимпијада во 2004 година не избледеа, така што владата презема чекори за спречување на повторувањето.
Во тек се активности за проширување на традиционалната сезона мај-октомври и поттикнување на туристичката инфраструктура во земјата. Искуството ја акцентираше потребата за развивање и промовирање на висококвалитетни алтернативни форми на туризам. Ова претставува начин за надминување на зависноста на земјата од летните месеци, кои ги преферираат поголем дел од посетителие, и покрај фактот што благото време преовладува во 8-10 месеци од годината.
Исто така, исклучивото потпирање на пакетите за одмор ја направи членката на еврозоната Грција неконкурентна со цената на туристичкиот пазар -- каде што конкуренцијата од „поевтините“ регионални ривали на Балканот, Јадранското Море, Егејското Море и југоисточниот Медитеран се интензивираше во текот на последнава деценија. Во изминативе неколку години, Грција беше една од најголемите туристички дестинации на еврозоната која не го подобри својот обрт.
„Нема оправдување за една земја како нашава, со исклучителна клима, богата култура и најразлични островски пејзажи, да има туристички период од четири до пет месеци“, рече министерот за туризам. „Нашата цел е Грција да биде целогодишна дестинација. Ние може да го оствариме ова со привлекување туристи со високи примања кои може да си дозволат повеќе од комбинацијата море-сонце-глетка и ние можеме да го понудиме тоа.“
Пали-Петралија и другите претставници во туристичката индустрија веруваат дека претежно неискористен потенцијал за развој постои во интегрираните комлекси за одмор, здравствениот туризам -- бањи, капацитети за разубавување и рехабилитација -- резиденцијалниот туризам, казината и голф-терените. Овие видови туризам не зависат од сезоната и цврстото платежно средство или економските циклуси немаат влијание врз нив. Експертите велат дека различноста е клучна за максимално искористување на потенцијалот на најуспешната индустрија во Грција.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's