05/07/2007
Откако ЕУ изрази разочараност поради застојот во судските реформи на Македонија, владата и опозицијата одржаа разговори и постигнаа одредена согласност.
Од Марина Стојановска за Southeast European Times во Скопје -- 05/07/07
![]() Партиските водачи постигнаа договор за судските реформи во неделата (1-ви јули). [Toмислав Георгиев] |
Како значаен момент за процесот на судските реформи, македонската влада и опозицијата минатата недела постигнаа согласност околу законот за јавното обвинителство -- тема околу која постоеја различни мислења.
За време на шестчасовниот состанок во неделата (1-ви јули) партиските водачи постигнаа согласност, со која ќе се одблокираат судските реформи, рече во понеделникот министерот за правда Михајло Маневски.
Беше договорено да има само една обвинителска канцеларија; наместо државно јавно обвинителство за организиран криминал, ќе има специјално одделение под ингеренции на јавниот обвинител Љупчо Шврговски. Советот на јавните обвинители ќе го одобрува назначувањето или разрешувањето на обвинителите.
Сепак, не беше постигнат договор за мандатот на јавните обвинители. Најголемата опозициска партија, СДСМ, бара доживотен мандат за нив, велејќи дека тоа ќе ги заштити обвинителите од политичко или друго влијание. Владејачките партии го отфрлија барањето.
Состанокот во неделата уследи по оној на 27-ми јуни, кога групата се состана на разговори околу изборот на јавниот обвинител. Според договорот, владата, во консултации со Советот на јавните обвинители, ќе го предлага кандидатот. Тој ќе мора да добие парламентарна поддршка.
Исто така, беше постигнат договор за составот на Државниот судски совет, тело што избира и разрешува судии.
„Ги разрешивме прашањата. Разговорите беа успешни... Останаа уште само едно до две прашања за кои треба допрва да се договориме“, рече водачот на ВМРО-ДПМНЕ, премиерот Никола Груевски, по состанокот.
Претставникот на ЕУ за Македонија, Ерван Фуере, го поздрави договорот, велејќи дека состанокот претставува успех бидејќи партиските водачи седнале на заедничка маса да разговараат за прашањата. Ова ќе води кон спроведување на реформите, рече Фуере.
Судските реформи беа блокирани откако Демократската унија за интеграција (ДУИ) го напушти парламентот и владата не можеше да го примени т.н. Бадинтеров принцип. Принципот кој беше утврден со Охридскиот мировен договор, предвидува дека за одредени видови нацрт-закони ќе биде потребно одобрение од одреден минимум пратеници од малцинствата.
Недостатокот на ова малцинство го блокираше и изборот на судиите во новоформираниот Управен суд. Новиот Апелационен суд во Гостивар беше исто така блокиран.
Новиот состанок надвор од парламентот се очекува да се одржи на крајот од неделава и на него ќе се разговара околу комплетирањето на составот на Државниот судски совет.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's