Maкедонија постигна напредок во борбата против трговијата со луѓе

04/07/2007

Maкедонија покажа зголемен напредок во своите напори за борба против трговијата со луѓе во 2006 година, особено преку здружената соработка за спроведување на законот со соседните земји, според извештајот на американскиот Стејт департмент.

Од Зоран Николовски за Southeast European Times во Скопје – 04/07/07

photo

Американскиот амбасадор Марк Легон, висок советник за трговија со луѓе на американскиот државен секретар Кондолиза Рајс, на 12-ти јуни во Вашингтон го претстави својот седми годишен Извештај за трговијата со луѓе на Стејт департментот. [Getty Images]

Во својот последен годишен Извештај за трговијата со луѓе, објавен минатиот месец од страна на американскиот Стејт департмент, Македонија доби критики за неисполнување на минималните стандарди во борбата против трговијата со луѓе. Но, властите велат дека земјата ја зголеми соработката во областа на спроведувањето на законот со своите соседи и постигна напредок.

Извештајот на Стејт департментот дава оценка за тоа дали една земја претставува извор, транзит или дестинација за трговијата со луѓе. Истиот ја проценува усогласеноста на законите со заштитата на жртвите на трговијата со луѓе, како и напорите на владите во борбата против овој проблем. Извештајот дава листа на земји каде што ситуацијата во поглед на трговијата со луѓе се смета за најкритична.

„Секој ден, насекаде низ светот, луѓето се присилуваат на ропска работа, се купуваат и продаваат за проституција, се експлоатираат како домашни слуги, стануваат робови во земјоделските работи и во фабриките и се фаќаат за да служат нелегално како деца-војници“, рече директорот на американската Канцеларија за следење и борба против трговијата со луѓе, амбасадорот Марк Легон, претставувајќи го извештајот на 12-ти јуни.

„Проценките за бројот се многу различни“, додаде тој. „Според оценките на американската влада, околу 800.000 лица се пренесуваат преку меѓународните граници секоја година и околу 80 отсто од нив се жени. Половина од нив се малолетници.“

Maкедонија е земја извор, транзитна земја и земја-дестинација за жените и децата што се шверцуваат за комерцијална сексуална експлоатација, се вели во извештајот. Македонските жени и девојчиња се шверцуваат во самата земја -- од источните рурални области во западна Македонија -- за сексуална експлоатација. Другите жртви потекнуваат од Молдавија, Албанија и другите источноевропски земји, и се пренесуваат преку Македнија за Србија, Црна Гора, Албанија и Западна Европа.

Министерството за внатрешни работи презема остри мерки против трговијата со луѓе и синџирите на проституција. Полицијата спроведе рација во кафулиња и ресторани, наоѓајќи десетици жени и девојчиња, меѓу кои и странски државјанки, кои биле предмет на сексуална експлоатација. Тие потоа се испраќаат во Транзитниот центар за згрижување во близина на Скопје. Центарот им обезбедува сигурно сместување на жртвите пред, за време и по судскиот процес, додека бидат репатрирани.

Главниот проблем, според македонската полиција, е тоа што жртвите ретко сакаат да сведочат против макроата. Тоа го отежнува изрекувањето на пресуда.

Во ноември 2006 година Скопскиот суд осуди 26 членови на меѓународна група вклучена во трговија со луѓе. Обвинетите беа осудени на вкупно 108 години затвор, со различни индивидуални пресуди.

Во извештајот на Стејт департментот се потврдува дека напорите за спроведување на македонскиот закон против трговијата со луѓе покажал позитивни резултати во последнава година. Владата процесоираше 48 случаи поврзани со нелегалната трговија во 2006 година, што претставува значително зголемување од 35-те случаи процесоирани во претходниот период обработен во извештајот.

Иако законите препишуваат казни што се доволно строги, понекогаш се изрекуваат полесни казни за осудените, се вели во извештајот.

Судството и понатаму е најслабата врска во борбата против трговијата со луѓе, според американскиот Стејт департмент. Со значителни процедурални грешки и одложувања што го одолговлекуваат судскиот процес, стапките на осудување на обвинетите за трговија со луѓе остануваат ниски.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading