26/06/2007
Зајакнувањето на трговската и енергетската соработка и унапредувањето на транспортните врски беа помеѓу приоритетните прашања за кои разговараа водачите на 12-те земји од организацијата за Црноморска економска соработка на самитот во Истанбул.
(Заман, Nine o'Clock, ФТ, Дојче веле, Итар-Тас, РИА Новости - 26/06/07; AФП, АП, Ројтерс, ДПА, РФЕ/РЛ, ВОА, РИА Новости, Софиска новинска агенција, Бета - 25/06/07)
![]() Водачите на 12 земји од црноморскиот регион се собраа во Истанбул во понеделникот (25-ти јуни). [Getty Images] |
Водачите на 12 земји во организацијата за Црноморска економска соработка (БСЕЦ) се собраа во Истанбул во понеделникот (25-ти јуни), на одбележувањето на 15-годишнината од групата, на еднодневниот самит на кој домаќин беше турскиот претседател Ахмет Неџдет Сезер.
Зајакнувањето на трговската и енергетската соработка во регионот на БСЕЦ беше на врвот од агендата на состанокот, кој се одржа под зајакната безбедност во палатата Чираган од отоманскиот период, во најголемиот турски град.
На крајот од разговорите, водачите издадоа декларација во која ја искажуваат својата посветеност на консолидирањето на улогата на организацијата „како активен и сигурен партнер во регионалните и меѓународните прашања“ и соочувањето со предизвиците што следат.
Tие, исто така, ветија „дека ќе ја продлабочат соработката во областа на енергијата ... и дека ќе соработуваат со ЕУ и другите меѓународни партнери за осигурување фер пристап до енергетските ресурси и пазарите на заедничка база за сите заинтересирани земји“. Тие се согласија да ја зајакнат соработката за проектот за изградба на заобиколен пат во должина од 7.500 километри, што ќе ги поврзува сите 12 земји-членки.
Покрај ова, водачите го наведоа отстранувањето на законските бариери за трговијата како приоритетна задача. Специјален состанок околу ова прашање ќе се одржи во септември.
Основана во 1992 година по падот на Советскиот сојуз, БСЕЦ ја сочинуваат крајбрежните земји на Црното Море, Бугарија, Грузија, Романија, Русија, Турција и Украина, како и соседните земји Албанија, Ерменија, Азербејџан, Грција, Молдавија и Србија.
Покривајќи ја целокупната територија од скоро 20 милиони квадратни километри, со население од вкупно околу 350 милиони жители, регионот на БСЕЦ е вториот по големина извор на нафта и природен гас по Персискиот залив. Истиот е главен транзитен коридор за пренесување нафта и гас од Централна Азија и Каспискиот регион до Европа.
Освен Ерменија, која го испрати својот министер за надворешни работи на самитот, сите други земји-членки беа претставени или од нивниот претседател или од премиерот.
Говорејќи на состанокот, рускиот претседател Владимир Путин го истакна големиот потенцијал на регионот како правец за транспортот на нафтата и гасот до европските пазари.
„Снабдувањето со енергија е сé поважен фактор за напредокот“, рече тој. „Ние сме подготвени да ги решиме со нашите регионални партнери големите задачи што влијаат не само на економската клима во регионот, туку и на европската и светската економија.“
Балканот и Црното Море „отсекогаш биле сфера на наш специјален интерес“, им рече Путин на новинарите подоцна. „И природно е што Русија се враќа тука.“
И додека рускиот водач изрази противење на „додавањето нови структури“ во БСЕЦ, романскиот претседател Трајан Башеску повика на поголема соработка со ЕУ и другите регионални иницијативи.
Неговиот бугарски колега Георги Парванов посочи дека блокот од 27 нации треба да инвестира во развојот на модерниот транспорт, енергетската и комуникациската инфраструктура во регионот на Црното Море, со одвојување средства во рамките на неговите регионални програми за развој.
Во последната декларација на самитот, Европската комисија доби набљудувачки статус.
Потврдувајќи дека политичките проблеми помеѓу одделните земји-членки ја попречуваат економската соработка, документот повика на нивно мирно решавање.
Ерменија и Азербејџан сé уште не ги решиле својот долготраен спор околу територијата на Нагорно-Карабах, додека Русија и Грузија се караат околу регионите на Јужна Осетија и Абхазија. Спротивставените погледи на Србија и Албанија во врска со иднината на Косово, исто така, дојдоа до израз на самитот во Истанбул.
„Политичките конфликти претставуваат значајна пречка на патот од економската соработка и развојот“, рече турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган на ручекот чиј домаќин беше тој, во понеделникот. „Ние мора да вложиме напори за самите да најдеме решение за политичките проблеми во регионот.“