06/06/2007
По усвојувањето на акциониот план за регулирање на домашните закони за тутун претходно оваа година, Србија сега го расчисти патот за ратификување на договорот ЦЕФТА со остатокот од регионот.
Од Давор Коњикушиќ и Георги Митев-Шантек за Southeast European Times во Белград -- 06/06/07
![]() Главната цел на ЦЕФТА е да развие економски односи помеѓу земјите-членки. [ЦЕФTA] |
Српското Министерство за економија претходно оваа недела објави дека земјата ќе го ратификува Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА) во септември, ставајќи крај на својот статус на единствена земја во регионот што не го сторила тоа.
Српскиот државен секретар во Министерството за економија и регионален развој, Јасна Матиќ, во понеделникот (4-ти јуни) рече дека со отстранувањето на пречките помеѓу Србија и Хрватска, Босна и Херцеговина и Македонија -- што го вклучува и оданочувањето на извозот и увозот -- парламентот може да го усвои нацрт-законот потребен за ратификување на договорот.
Според договорот, главната цел на ЦЕФТА е „формирање на област на слободна трговија со постепена либерализација на заедничките трговски односи, и со отстранување на тарифните и нетарифните бариери за трговијата во текот на транзициониот период“.
„Со станувањето членка на ЦЕФТА, Србија ќе има корист највеќе од т.н. дијагонално акумулиран принцип што овозможува привилегиран извозен режим на пазарот на ЕУ на стока, произведена во повеќе од една земја-членка на ЦЕФТА“, рече Матиќ.
Во врска со извозниот пазар, членките на ЦЕФТА -- Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Молдавија, Црна Гора и Косово -- се согласија со акциониот план на српската влада за тутунската индустрија, кој беше усвоен во март.
Планот предвидува изедначување на акцизните давачки за домашните и странските цигари од 1-ви јануари 2008 година, зголемување на царински давачки од 15% на 57,6%, и ќе трае од 2008 до 2012 година, за регулирање на односите помеѓу државата и тутунската индустрија. Документот има за цел подобрување на земјоделската тутунска индустрија, зголемување на извозот на тутунски производи и подобрување на земјоделското тутунско производство.
Планот ги укинува дискриминаторските акцизни оданочувања, обезбедувајќи ист третман за домашните и странските брендови цигари. Истиот ја ублажува сегашната обврска за купување домашен тутун -- претпријатијата може да купат 20 отсто од нивниот тутун од странство.
Фабриките за тутун во Србија се задоволни од потегот, велејќи дека истиот охрабрува континуирани инвестирања во Србија. Еугенио Сидоли, генерален менаџер на фабриката за цигари ДИН во Ниш, во сопственост на „Филип Морис“, рече дека планот ќе биде поскап за производителите на цигари, но трошоците ќе бидат компензирани со воведување пазарни услови и измени на бизнис политиката.
„Целта е да се заработи значителен акцизен профит до 2012 година, со оглед на тоа што треба да има зголемување на извозот во тутунската индустрија и да се охрабрат фармерите да одгледуваат поголеми количини тутун и да произведуваат подобар тутун за производство“, рече министерот за економски работи, Милан Париводиќ.
Од 2003 година, четири тутунски претпријатија инвестираа околу една милијарда евра во српската тутунска индустрија.
Париводиќ рече дека планот дозволува ратификување на ЦЕФТА и ја остава земјата отворена за преговори за влез во Светската трговска организација.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's