05/06/2007
Брисел ги поддржува напорите на Турција за разбивање на тероризмот на ПКК, но не се сложува со упад во северен Ирак, рекоа официјалните претставници на состанокот на високо ниво во понеделникот во Анкара.
Од Ајхан Шимшек за Southeast European Times во Анкара -- 05/06/07
![]() (Од лево) португалскиот потсекретар на Министерството за надворешни работи, Јоао Кравинхо, германскиот министер за надворешни работи, Франк-Волтер Стајнмаер, турскиот министер за надворешни работи, Абдула Ѓул, комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен, и турскиот министер за економија, Али Бабаџан, присуствуваа на состанокот на Тројката на ЕУ и Турција во понеделникот (4-ти јуни). [Getty Images] |
ЕУ ја поддржува борбата на Турција против тероризмот, но нема да ја поддржи земјата за евентуален упад во северен Ирак, рекоа дипломатите во понеделникот (4-ти јуни) на состанокот на високо ниво што е во тек во Анкара.
„Турција долго време ја поддржуваше сувереноста и територијалното единство на Ирак, како и потребата за зајакнување на ирачката влада. Тоа е она што ЕУ го поддржува и ние не сметаме дека ќе биде од интерес за ниту една од страните работите во Ирак да се влошат“, медиумите цитираа европски дипломат, кој остана анонимен.
Прекуграничната операција има потенцијал да ги искомплицира разговорите за пристап на Турција со ЕУ уште повеќе, додаде дипломатот. Преговорите веќе беа оддолжени од голем број други прашања, вклучувајќи го и неколкудеценискиот спор околу Кипар.
Т.н. Тројка на ЕУ, која ја сочинуваат германскиот министер за надворешни работи, Франк Валтер-Стајнмаер, комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен, и португалскиот потсекретар на Министерството за надворешни работи, Јоао Кравињо, се состанаа со турскиот министер за надворешни работи, Абдула Ѓул, на разговори околу одредени прашања, вклучувајќи ги и плановите на ЕУ за отворење три поглавја од разговорите за пристап овој месец.
Ѓул им рече дека неодамнешното групирање на турските војници долж границата со Ирак не беше осмислено како подготовка за инвазија, туку како подобрување на пограничната безбедност и спречување на влезот на терористите од Курдистанската работничка партија.
„Имаме апсолутно право да преземеме мерки против терористичките активности насочени кон нас од северен Ирак“, медиумите го цитираа Ѓул.
Стајнмаер, чија земја мометно претседава со ЕУ, потврди дека прашањето било покрената на состанокот. Тој рече дека Тројката се обидела да ја дознае позицијата на турската влада.
„Немам впечаток од коментарот на мојот колега Ѓул дека Турција планира да започне прекугранична операција“, рече Стајнмаер.
Тројцата официјални претставници беа на разговори во Анкара, помеѓу другите работи, и за кандидатурата за пристап во ЕУ на Турција и напредокот во политичките и економските реформи.
Брисел рече дека ќе отвори уште три нови поглавја од преговорите -- економските и монетарните работи, статистичките прашања и прашањата на финансиската контрола -- пред 1-ви јули, кога Португалија ќе го преземе ротирачкото претседателство од Германија.
„Планираме да продолжиме со преговорите со Турција за трите поглавја на 26-ти јуни“, потврди Стајнмаер. Во коментарот за кој се смета дека ја покажува континуираната загриженост на ЕУ во врска со улогата на војската во Турција, тој рече дека се надева оти „сите сили и институции во Турција ќе ги исполнат своите обврски“.
Членовите на Тројката, исто така, ја истакнаа потребата да се продолжи со реформите, особено во врска со слободата на изразувањето верската слобода, женските права и правата на синдикатите. Тие повторно инсистираа на тоа дека контроверзниот член од кривичниот закон, со кој за кривично дело се смета навредата на турскиот национален идентитет и институциите, треба да се повлече.
Новата влада, која е формирана по изборите на 22-ри јули, треба веднаш да започне со работа во овие области, со цел да се задржи темпото на реформите, рекоа официјалните претставници.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's