14/05/2007
Белград ќе биде домаќин на Евровизија во 2008 година, откако српската пејачка Марија Шерифовиќ, победи на овогодинешниот натпревар на песни доцна во саботата, подигнувајќи го расположението во својата татковина.
(Индипендант, Гардијан, Радио Холандија - 14/05/07; AП, Ројтерс, АФП, Блумберг, Б92 - 13/05/07; ББС, Ајланд онлајн, официјална веб-страница на Евровизија - 12/05/07)
![]() Марија Шерифовиќ (во средината) од Србија прославува со својата група по победата на финалето од натпреварот за песна на Евровизија во саботата (12-ти мај) во Хелсинки, Финска. [Getty Images] |
Околу 30.000 Срби се собраа во центарот на Белград во неделата вечер (13-ти мај) за да ја дочекаат дома Марија Шерифовиќ, победничката на натпреварот за песна на Евровизија. Финалето се одржа во хелсиншката Арена во Финска претходната вечер.
„Победив за Србија, победив за сите вас!“, рече 22-годишната пејачка по враќањето.
Шерифовиќ й ја обезбеди наградата на својата земја во натпреварот со емоционалната балада „Молитва“, освојувајќи 268 гласови на телевоутингот на кој учествуваа 42 земји. Нејзината победа се случи на дебито на Србија на Евровизија како независна држава и й обезбеди учество на следната Евровизија во мај 2008 година.
„Многу ми е драго што не беше некоја воена песна“, рече Александар Тијаниќ, директор на српската државна телевизија РТС, во неделата. „Тоа што Белград ќе биде домаќин на настанот следната година значи дека конечно сме влегле во нормала.“
Шерифовиќ победи откако осум земји, вклучувајќи ги сите поранешни југословенски републики, й ги дадоа максималните 12 поени. Според правилата на натпреварот, гледачите може да гласаат за изведувачите од другите земји, но не и за сопствената земја.
Победата на српската пејачка над претставниците на 23 други земји го извади народот на улиците од Белград доцна во саботата. Пратениците, кои сé уште дебатираа за формирањето прореформска влада, ја прекинаа седницата и й аплаудираа на победничката.
„Браво Марија! Цела Србија е горда вечерва и прославува, благодарение на тебе,“ вели премиерот Воислав Коштуница во писмото испратено до пејачката.
Претседателот Борис Тадиќ и српскиот престолонаследник, принцот Александар, исто така й честитаа на победничката.
„Ова беше европски глас за европска Србија“, рече комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен, честитајќи й на земјата за победата.
И Шерифовиќ ја опиша својата победа како нов почеток за нејзината земја.
„Навистина мислам дека е отворено ново поглавје во Србија и не само во музиката“, рече таа. „Оваа победа е за нова Србија.“
На евровизискиот натпревар, кој се одржува секоја година од 1956 година, во минатото доминираа пејачите од Запад. Но, оваа година источноевропските изведувачи освоија 14 од првите 16 места во финалето, кое го следеа повеќе од 100 милиони гледачи.
Украинскиот трансвестит Верка Сердушка, чија земја победи на евровизискиот натпревар во 2004 година, беше втор во саботата. Тој освои 235 поени за песната „Денсинг лаша тумбаи“. Руското трио „Серебро“ беше на третото место со 207 поени за нивната „Песна бр.1“.
Турчинот Кенан Догулу беше четврт, освојувајќи 163 поени со „Шејк ит ап, шекерим“. Бугарското тапанарско дуо Елица Тодорова и Стојан Јанкулов беа петти со 157 поени за нивната песна со етно база, „Вода“.
Од другите земји од Југоисточна Европа кои влегова во финалето, Грција беше седма со 139 поени, четврта беше Босна и Херцеговина, која освои 106 поени. Романија и Македонија го освоија 13-тото и 14-тото место, со 84, односно 73 поени.