20/04/2007
Согласувајќи се дека Европа се соочува со закана од проектили, државите-членки на НАТО во четвртокот го поддржаа американскиот план за изградба на штит од проектили со голем дострел. Но, Русија и понатаму се сомнева.
(Ројтерс, ФТ, УПИ, НАТO - 20/04/07; AП, АФП, ДПА, ВОА, Интернешнал хералд трибјун, ЕУобсервер - 19/04/07)
![]() Директорот на Американската агенција за одбрана, генерал-полковник Хенри Оберинг (лево) и американскиот потсекретар за одбранбена политика, Ерик Еделман, во четвртокот (19-ти април) одржаа прес-конференција во седиштето на НАТО. [НATO] |
Поддржувајќи го планот за проширување и во Европа на американскиот одбранбен систем за проектили, земјите-членки на НАТО во четвртокот (19-ти април) се согласија дека територијата од сите 26 нации во блокот мора да биде заштитена од потенцијалните закани од проектили.
„Едногласно беше мислењето дека треба да важи принципот на неделливост на безбедноста“, им рече генералниот секретар на НАТО, Јап де Хоп Шефер, на новинарите по консултациите на високо ниво во седиштето на Алијансата во Брисел. „Заедничка е желбата секој американски систем да биде комплеметарен на кој било систем за одбрана од проектили на НАТО.“
Претходно оваа година САД ги објавија своите планови за поставување на десет пресретнувачи на проектили без боеви глави во Полска и еден радарски систем во Чешка до 2012 година, за да може да се спречат потенцијалните напади со проектил од „дивите држави“, како што се Иран и Северна Кореја.
Говорејќи пред состанокот во четвртокот, шефот на американската Агенција за одбрана од проектили рече дека проектот би помогнал во обесхрабрувањето на ваквите земји да развиваат проектили со голем дострел, што може да претставуваат закана за Европа или Северна Америка.
„Нациите како Иран, Сирија и другите го сметаат ова оружје за многу важно бидејќи нема одбрана од истото“, им рече генерал-полковник Хенри А.Оберинг на новинарите во средата во Полска. „Но, ние сега сме во ситуација кога имаме одбрана против ваквото оружје.“
Оберинг, американскиот потсекретар за одбранбена политика Ерик Еделман и американскиот помошник државен секретар Џон Род во четвртокот беа во Брисел за да ги информираат сојузничките земји за планираниот проектилски штит.
Откако ќе биде поставен, истиот ќе ја покрива цела Европа, освен Бугарија, Грција, Романија и Турција, кои се членки на НАТО. Истакнувајќи дека ниту една од земјите во блокот не треба да остане непокриена, учесниците повикаа на „неделлива безбедност“.
Во тој контекст, претставниците на Алијансата, исто така, разговараа за тоа дали уште еден штит -- против проектили со краток дострел, кој НАТО планира да го направи до 2015 година -- би можел да биде „прикачен“ на американскиот систем кој ги покрива сите земји-членки.
„Постои заедничка перцепција за заканите“, истакна Де Хоп Шефер. „Сојузничките држави се согласија дека постои закана од балистички проектили.“
Американските експерти сметаат дека Иран ќе има проектили што ќе можат да ја погодат нивната земја и Европа до 2015 година.
Планираниот американски штит од проектили беше, исто така, во центарот на дискусиите на состанокот на Советот на НАТО и Русија, што се одржа во седиштето на Алијансата во четвртокот. Русија искажа противење на проектот, сметајќи го за потенцијална закана што може да предизвика нова трка на вооружување.
Вашингтон понуди поголема соработка со Русија, вклучувајќи ја и размената на ранопредупредувачки податоци за проектили и спроведувањето на заеднички истражувања и вежби.
Русија во четвртокот испрати мешани сигнали за евентуалниот одговор. Заменик-премиерот Сергеј Иванов рече дека „не гледа основа за евентуална соработка“ додека рускиот амбасадор во НАТО посочи дека Москва сé уште не ја одбила американската понуда.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's