26/03/2007
Властите во Подгорица велат дека ги спроведуваат мерките за подетално следење на пазарот.
Од Недељко Рудовиќ за Southeast European Times во Подгорица – 26/03/07
![]() Пазарот на недвижности во Црна Гора стана рај за оние што перат пари. [Getty Images] |
Шефот на владината канцеларија за борба против финансирање на тероризмот и перењето пари, Предраг Митровиќ, претходно овој месец рече дека неговата канцеларија ќе ја зајакне контролата над пазарот на недвижности како дел од борбата против перењето пари.
Недвижностите се голем бизнис во Црна Гора. Околу главниот град, Подгорица, изградбата и реставрацијата на комерцијалните згради -- со канцеларии, апартмани и луксузни продавници -- е вообичаена глетка, како и реконструкцијата и модернизацијата на приватните домови.
Но, според американскиот Стејт департмент овој сектор се користи и за перење пари.
„Инвестирањето од страна на странците и бизнисмените во скапите недвижности по должината на црногорскиот брег ги зголеми цените и создаде загриженост за евентуалниот извор на средствата што се користат за овие инвестиции“, се вели во Меѓународниот извештај за контрола на наркотици од 2007 година, објавен на 1-ви март.
Полицијата и обвинителите не се охрабрени да ги испитуваат потезите поврзани со недвижностите бидејќи судскиот систем не е подготвен да се справи со последиците, се вели во документот.
Во него се повикува Црна Гора „да ја зајакне својата легислатива за да воспостави поцврсти режими за конфискација на имотот и парични казни, како и да го надгради својот капацитет за зајакнување на криминално-разузнавачките и истражните техники“.
Според Стејт департментот, Црна Гора и понатаму има значителен црн пазар за шверц на стока. Нелегалните приходи, исто така, доаѓаат и од трговијата со дрога, корупцијата, затајувањето на даноци, организираниот криминал и другите видови финансиски криминал.
Митровиќ вели дека владата планира да посвети посебно внимание на следењето на договорите за недвижности. „Покрај [законската] обврска за следење и анализа на извештаите кои доаѓаат во нашата база на податоци, ние формираме и дополнителна база на податоци [која ќе] содржи копии од договорите за недвижен имот“, изјави тој за локалните медиуми.
Тој навести нова иницијатива за добивање надлежности со цел детално следење на трговијата со недвижности, како и да се помогне во идентификувањето на вистинските сопственици на претпријатијата што се вклучени во трговија во Црна Гора.
Според официјалните податоци, во 2005 година до надлежниот оддел беа поднесени 14 случаи под сомнение за перење пари. Во 2006 година беа поднесени 29 случаи, додека оваа година досега има осум.
Опозициските партии велат дека е сторено премногу малку и дека темпото е многу бавно. „Проблемот не може да се крие повеќе“, рече Небојша Медојевиќ, водач на опозициската партија Движење за промени.
Заклучоците на извештајот ќе ги одвратат познатите странски инвеститори од доаѓање во Црна Гора, предупреди Медојевиќ. Тој рече дека трите најголеми инвеститори во регионот -- САД, Германија и Италија, имаат занемарлива улога во Црна Гора.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's