15/03/2007
Шестотини германски војници ќе пристигнат во Косово до крајот на неделава, за да земат учество во планираната вежба, објави КФОР во средата, истакнувајќи дека операцијата не се очекува да ја промени ситуацијата на теренот.
(Ројтерс - 15/03/07; AП, ДПА, КФОР, Бета, Б92, УПИ, Макфакс, Балканска мрежа на истражувачко новинарство - 14/03/07)
![]() НАТО испраќа дополнителни 600 германски војници во Косово. [Getty Images] |
Германски баталјон на НАТО ќе биде распореден во Косово до крајот на оваа недела, за да земе учество во редовните оперативни вежби, објави КФОР во средата (14-ти март).
Една од целите на вежбата, закажана минатата есен, е запознавање на војниците на НАТО и резервистите со условите на теренот. Тоа е дел од серијата оперативни вежби, насловени како Решителни напори 2007, планирани за оваа година. Првата вежба од оваа програма, која повторно ги вклучуваше германските резервни сили, се одржа во Косово од септември до декември 2006 година, објасни КФОР во изјавата.
Соопштението за ова беше објавено неколку дена пред поднесувањето од страна на специјалниот претставник на ОН Марти Ахтисари на неговиот предлог за решавањето на статусот на Косово пред Советот за безбедност, кој потоа се очекува да донесе одлука за иднината на покраината подоцна оваа година.
Предложеното решение вклучува доделување на меѓународно надгледувана државност за Косово, кое, и покрај тоа што технички е сé уште дел од Србија, е де факто протекторат на ОН уште од крајот на конфликтот во периодот 1998-1999 година. Планот, исто така, предвидува широки права за околу 100.000 косовски Срби што живеат во покраината.
Србија, која инсистира на задржувањето на одредена сувереност над Косово, е категорично против предложеното решение. Иако истото не предвидува директна независност, како што бараше нивната заедница, водачите на косовските Албанци го прифатија планот на Ахтисари.
КФОР во средата истакна дека претстојната вежба не претставува „одговор, ниту, пак, подготовка за каква било актуелна ситуација, која е во тек или се очекува“ на теренот.
Со задача воспоставување и одржување на безбедноста во Косово, мировниците на НАТО влегоа во покраината во јуни 1999 година. КФОР моментно брои околу 16.500 војници од 36 нации, вклучувајќи ги и 24-те земји-членки на НАТО. Германија има контингент од 2.700 војници стационирани во Косово.
Во текот на изминатите осум години, Алијансата спроведе голем број различни оперативни вежби во покраината.
„Како и тие ... и оваа вежба испраќа обновена јасна порака за силната решеност на НАТО и меѓународната заедница и посветеноста на одржувањето на мирот и стабилноста низ целиот балкански регион“, рече КФОР во средата. „Истата ја покажува подготвеноста на НАТО да ги засили во краток рок веќе распоредените сили, предводени од НАТО, со т.н. Резервни сили.“
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's