Турција ја укина забраната за „јутјуб“

12/03/2007

Турските корисници на Интернет повторно ќе имаат пристап до популарната видео веб-страница, сега кога е отстрането навредливото видео и е укината судската забрана.

Од Ахмет Гормез за Southeast European Times во Анкара – 12/03/07

photo

Турските корисници на Интернет кои се логираа на веб-страницата на „јутјуб“ ја гледаа оваа порака за грешка. [Aхмет Гормез]

По кусата забрана што ја определи Истанбулскиот суд, турските Интернет корисници повторно имаат пристап до „јутјуб“. Ахтер Кутадгу, шеф на корпоративните комуникации за „Турк телеком“ на прес-конференцијата во петокот (9-ти март) рече дека турскиот суд го информирал неговото претпријатие дека рестрикциите се укинати.

Популарната видео веб-страница беше блокирана по пресудата на судот од средата. На Интернет провајдерите им беше забранет пристап бидејќи на веб-страницата имаше видео со навреди за основачот на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк. Според турскиот закон, забрането е „да се навредува турската припадност“ или да се клевети Ататурк, чие име значи „татко на сите Турци“.

Турските Интернет корисници кои се обидуваа да ја отворат страницата во средата или четвртокот, ја гледаа пораката дека пристапот им е забранет „во согласност со одлуката бр.2007/389, од 06.03.2007 на Истанбулскиот кривичен мировен суд еден“.

Видеото поради кое дојде до забраната беше поставено на страницата од страна на еден Грк. Тоа беше компјутерска анимација со мошне експлицитен јазик, на која Ататур беше прикажан како хомосексуалец.

Анимацијата беше последната лавина во, како што некои ја нарекоа, „виртуелната војна“ помеѓу грчките и турските корисници на „јутјуб“, со неколку случаи на видеа со очигледна намера да ја навредат или налутат другата страна.

Други примери: се снимката на турските и грчките авиони Ф-16 во воздушни битки и последната епизода на ТВ шоуто „Опстанок: Турција и Грција“, кое заврши со победа на турскиот натпреварувач над грчкиот противник.

„Јутјуб“ е една од најпопуларните страници помеѓу Интернет корисниците во светот, со скоро 70 милиони посетители секој ден. Во својата пресуда за забрана на страницата, Истанбулскиот суд рече дека ќе го дозволи пристапот откако ќе добие потврда дека видеото е отстрането.

„Ние не сме во позиција да кажеме дека тоа што „јутјуб“ го стори е навреда, дека беше добро или лошо. Ни беше доделена судска одлука и ние правиме онака како што гласи судската одлука“, рече претседателот на „Турк телеком“, Пол Дону, по воведувањето на забраната.

„Интернетот претставува меѓународен феномен, и додека технологијата може да донесе многу можности и пристап до информациите на глобално ниво, истата може да претстави и нови и уникатни културни предизвици“, се вели во изјавата на „јутјуб“ по воведувањето на забраната. „Ние ги почитуваме властите во Турција и сме решени да работиме со нив за решавање на ова. Сепак, треба да истакнеме дека видеото за кое станува збор повеќе не се наоѓа на веб-страницата.“

Инцидентот предизвика различни реакции во Турција. „Ако не навредат, тогаш ние треба да го блокираме пристапот до страницата, за да имаме финансиски ефект“, рече еден корисник. Други, пак, не се согласуваат, велејќи дека овој потег претставува цензура.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading