15/02/2007
Република Српска го потпиша еден од своите најзначајни приватизациони договори досега, продавајќи две рафинерии во државна сопственост и еден синџир бензински пумпи.
Од Влатко Вукотиќ за Southeast European Times во Бања Лукa – 15/02/07
![]() Претседателот на „Зарубезхефт“, Владимир Ивановиќ-Кушнарев (лево), и премиерот на Република Српска, Милорад Додик, наздравуваат на церемонијата на потпишување претходно овој месец. [Getty Images] |
По неколку години пропаѓање, државната нафтена рафинерија во Брод, рафинеријата за моторни масла во Модрича и синџирот бензински пумпи „Петрол“ се продадени на руското претпријатие „Нефтегазинкор“, подружница на „Зарубезхнефт“.
Премиерот на Република Српска Милорад Додик и претседателот на „Зарубезхнефт“ Владимир Ивановиќ-Кушнарев присуствуваа на церемонијата на потпишување во Бања Лука на почетокот од овој месец, заокружувајќи го договорот што е на сила од август 2006 година.
Продажната цена беше 119 милиони евра -- 42 милиони евра за 80 отсто од нафтената рафинерија, 67 милиони евра за 75,6 отсто од рафинеријата за моторни масла и 10 милиони евра за „Петрол“ и неговите 80 бензински пумпи.
Сопственикот е, исто така, обврзан да инвестира 970 милиони евра во текот на следните четири години и да го осигури производството во рафинеријата Брод -- некогаш една од најуспешните претпријатија во Босна и Херцеговина, додека не беше ослабена од долгот од 150 милиони евра. „Внешекономбанк“ го финансира проектот и сите планирани инвестиции.
Според договорот за продажба, половина од долгот на фабриката ќе биде покриен од страна на купувачот во следните девет години, додека комерцијалниот долг ќе биде отплатен од цената на капиталот. Новиот сопственик мора да ги исплати и заостанатите плати на вработените, кои ќе бидат задржани додека не завршат поправките во рафинеријата. Официјалните претставници велат дека истата би требало да биде во функција во текот на следните шест месеци.
Откако Брод ќе започне со работа повторно, годишното ниво на производството на сурова нафта во РС се очекува да се зголеми на 4,2 милиони тони до 2010 година.
Една од задачите со кои се соочува новиот купувач ќе биде да ја усогласи рафинеријата со европските стандарди. Во меѓувреме, владата и Министерскиот совет се очекува да дозволи продажба на гориво со повисок процент сулфур, во споредба со овие стандарди.
Во меѓувреме, ќе се произведува и евродизел горивото со висок стандард и истото ќе биде употребено како основа за производството на моторни масла. Тоа, од друга страна, ќе обезбеди поттик за рафинеријата за моторни масла во Модрича да го зголеми производството.
„НафтегазИнКор“ се надева дека ќе го преземе целиот пазар на нафта на БиХ, кој троши 1,5 милиони тони нафта годишно. Со скоро тројно зголемен капацитет рафинеријата би требало да биде во позиција да им конкурира на клучните регионални играчи, хрватското претпријатие „ИНА“ и унгарското „МОЛ“ за удел на пазарот.