22/01/2007
Екстремната десничарска Српска радикална партија освои 81 пратеничко место на изборите во неделата, но нема коалициски партнери. Заедно, демократските партии во Србија имаат доволно гласови за формирање нова влада -- ако успеат да ги надминат меѓусебните расправии.
Од Игор Јовановиќ за Southeast European Times во Белград – 22/01/07
![]() Според Центарот за слободни избори и демократија, одѕивот на гласачите на изборите во неделата (21-ви јануари), бил околу 60,4 отсто. [Getty Images] |
По парламентарните избори во неделата во Србија, одделна најсилна партија во земјата и понатаму е естремната десничарска Српска радикална партија (СРС), објави Центарот за слободни избори и демократија (Цесид). СРС, чиј претседател е хашко-обвинетиот Воислав Шешељ, освои 81 пратеник. Сепак, истата повторно нема да може да формира влада.
Радикалите рекоа дека нема да прават коалиција со ниту една партија од демократскиот блок, а малцинските партии ги отфрлија предлозите на СРС за коалиција. Заменик-претседателот на партијата, Томислав Николиќ, ги повика поддржувачите да бидат трпеливи до следните избори.
Според Цесид, одѕивот на гласачите бил околу 60,4 отсто. Втора партија е Демократската партија (ДП), предводена од претседателот Борис Тадиќ. Истата ќе има околу 65 места во новиот парламент. Трета е Демократската партија на Србија (ДПС) на премиерот Воислав Коштуница, со 47 места.
Партијата Г17 Плус, предводена од поранешниот министер за финансии, Млаѓан Динкиќ, ќе има околу 19 места, додека социјалистите ќе имаат околу 16 места. Коалицијата на партиите предводени од претседателот на либерал-демократите, Чедомир Јовановиќ, ќе има околу 15 места.
Малцинските партии, кои ја објавија својата поддршка за демократската влада, ќе имаат околу седум или осум места.
Со овие резултати, трите најсилни партии од демократскиот блок -- ДП, ДСС и Г17 Плус -- може да формираат нова влада со поддршка од 132 парламентарци. Но, расправиите помеѓу партиите може да ја направат оваа цел тешко остварлива.
„Главниот конфликт ќе се врти околу премиерското место“, вели политичкиот аналитичар Владимир Гоати, истовремено додавајќи дека, најверојатно, и позициите на министер за внатрешни работи и за правда ќе предизвикаат расправии. Друга аналитичар, Ѓорѓе Вукадиновиќ, вели дека формирањето на новата влада би можело да биде попречено и од косовскоро прашање, со оглед на плановите на специјалниот претставник на ОН, Марти Ахтисари, да го открие својот предлог за статусот на почетокот од февруари.
Водачот на Г17 Плус, Динкиќ, вели дека најдобро би било влада да формираат ДП, ДСС и неговата партија. „Изборните резултати покажуваат дека граѓаните се одлучија за патот кон Европа“, рече Динкиќ.
Коштуница, пак, го повика Тадиќ да му даде мандат за формирање на новата влада „на оној кој може да обезбеди мнозинство во парламентот“.
„Очекувам сите партии да се однесуваат одговорно“, рече Коштуница, одбивајќи да коментира за евентуалните партнери во владата.
Тадиќ рече дека новата влада „треба да се формира што е можно побргу“. Тој, понатаму, рече дека неговата партија ќе го бара премиерското место.
Според законот, новиот српски парламент мора да се состане во рок од еден месец по изборите. Новата влада мора да биде формирана во рок од три месеци од конституирањето на новиот парламент. Во спротивно ќе бидат распишани нови избори.