20/12/2006
Турската авторка Ипек Калислар беше ослободена во вторникот од обвинението за навреда на основачот на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк.
(Њу Анатолијан - 20/12/06; AП, АФП, ББС, ФТ, Интернешнал хералд трибјун, АКИ - 19/12/06)
![]() Mустафа Кемал Ататурк е основач на модерната турска република. [Википедија] |
Истанбулскиот суд во вторникот (19-ти декември) ја ослободи авторката Ипек Калислар, која беше обвинета за навреда на основачот на модерната турска република, Мустафа Кемал Ататурк.
Судската пресуда беше објавена за време на второто сослушување во судскиот процес против Калислар, кое започна во октомври. Обвиненијата против турската новинарка-ветеран произлегоа од нејзината биографија за сопругата на Ататурк, Латифе Усаки, која беше објавена во јуни и стана бестселер само за неколку дена.
Заснована на сеќавање на сведок, во еден пасос на книгата на Калислар се опишува настан од краткиот брак на парот. Соочен со обид за атентат, Ататурк, наводно, избегал од претседателската палата облечен во чадар, односно преправен во жена.
Тој извадок беше вклучен во интервјуто на авторката за турскиот весник со огромен тираж Хуријет во јуни.
Судската парница против Калислар ја иницираше читателот Хусеин Тугрул Пекин.
„Голема навреда е да се тврди дека Мустафа Кемал, на чија храброст никој од нас не се осмелува да и суди, сторил нешто вакво“, пишува тој во писмо до обвинителот, кој на крајот покрена обвинение против авторот и Неџдет Татлиџан, уредникот на Хуријет.
Двајцата беа обвинети во согласност со специјалниот закон усвоен во 1951 година, кој предвидува затворска казна за секој кој „јавно ќе го навреди сеќавањето на Ататурк“. Голем број турски писатели и новинари, наводно, се соочуваат со обвинение според овој закон.
Ослободувањето на Калислар се случи во време на силен притисок на ЕУ врз Турција, која ги започна своите разговори за пристап со Унијата во октомври 2005 година, за промена или укинување на ограничувањата на слободата на изразувањето.
Брисел и групите за човекови права беа особено критични кон одредбите во казнениот закон на Турција кои послужија како основа за судските случаи против десетици турски интелектуалци, вклучувајќи го и Орхан Памук, овогодинешниот добитник на Нобеловата награда за литература, и Елиф Сафак, најпознатата писателка во земјата. Според членот 301 од кривичниот закон, за кривично дело се смета „навредата“ на републиката, парламентот или другите државни институции и се предвидува затворска казна во траење до три години за прекршителите.
Турско-ерменскиот новинар Хрант Динк е единствениот кој доби шестмесечна казна за „навреда на турската припадност“. Повеќето други судски процеси поврзани со одредбите од членот 301 завршија или со ослободување или со отфрлање на обвиненијата.