Атина домаќин на состанокот спонзориран од ОН за иднината на Интернетот

30/10/2006

Отвореноста и безбедноста се помеѓу точките на агендата од четиридневниот Форум за Интернет управувањето, кој беше отворен во понеделникот во Атина.

(AНА-МПА, ББС, Свисинфо, Њујорк тајмс - 30/10/06; AП, АНА-МПА - 29/10/06; ОН - 25/10/06; The Internet Governance Forum Web Site; Internet Governance Forum Greece 2006)

photo

Грчкиот премиер Костас Караманлис го отвори форумот во понеделникот (30-ти октомври). [Getty Images]

Повеќе од 1.200 претставници на влади и меѓународни организации, извршни директори на корпорации, ИТ специјалисти и академици присуствуваат на првиот досега Форум за Интернет управувањето (ИГФ), кој беше отворен во понеделникот (30-ти октомври) во Атина.

Четиридневниот настан, спонзориран од ОН, нема за цел усвојување на конкретни одлуки, туку обезбедување на место каде што учесниците ќе постигнат консензус за одреден број прашања поврзани со иднината на Интернетот.

„Форумот ќе им даде глас на граѓаните во светската мрежа и ќе помогне во идентификувањето на прашањата кои треба да бидат решени во формалните процеси“, изјави Нитин Десаи, специјалниот советник на генералниот секретар на ОН Кофи Ана за Интернет управување и претседател на организационото тело на ИГФ, за ББС пред состанокот.

Формирањето на ИГФ беше едно од најважните резултати од Светскиот самит за информатичко општество (ВСИС) во ноември 2005 година во Тунис.

„На овој прв состанок на ИГФ, ние очекуваме да се отвори патот и да се воспостави цврста и сеопфатна рамка и мрежа за фокусирање на прашањата како што се: пристапноста и достапноста на Интернетот, цените на поврзувањето и безбедноста, управувањето со критичните ресурси и технолошкиот трансфер, мултилингвизмот и локалниот развој на софтверот, градењето на капацитетите и учеството на повеќекратните учесници од земјите во развој“, рече грчкиот премиер Костас Караманлис на отворањето на форумот.

Помеѓу другите говорници на првиот состанок беа: Десаи, грчкиот министер за транспорт и комуникации Михалис Лапис, генералниот секретар за меѓународни телекомуникации Јошио Уцуми, еврокомесарката за информатичко општество и медиуми Вивиен Рединг, и Гај Себан, генералниот секретар на Меѓународната стопанска комора.

Главната тема на конференцијата е „Интернет управувањето за развој“. Агендата е поделена на четири широки теми -- отвореноста, безбедноста, разновидноста и пристапот. Вкупно 36 работилници ќе се фокусираат на конкретни прашања поврзани со овие теми и други теми важни за Интернет управувањето.

По церемонијата на отворање, учесниците треба да одржат генерално собрание за дијалогот околу оваа политика на повеќекратните учесници, кој треба да го отвори патот за разговори во врска со институционалните и суштинските прашања.

Во вторник учесниците ќе се фокусираат на отвореноста и безбедноста. Конкретните прашања за кои ќе се расправа на работилниците во рамките на овие две теми се: слободниот проток на информации, слободата на изразувањето, овластувањето и пристапот до знаењето, заштитата на корисниците од спам, „фишинг“ и вируси при заштитата на приватноста, сајбер криминалот и заштитата на податоци.

Две други пошироки теми -- разновидноста и пристапот -- ќе бидат дискутирани в среда. Работилниците ќе се фокусираат на 15 различни специфични прашања, вклучувајќи го и создавањето на содржината, човековите права и Интернетот, слободниот проток на информации во сајбер-просторот и лингвистичката разновидност.

По прегледот на работата во претходните денови, форумот ќе биде затворен в четврток, со панел дискусија на младите луѓе на која ќе се разгледуваат прашањата што избиваат на површина и прашањата од интерес за младите, како од технолошка перспектива, така и од перспективата на јавната политика.

„Состанокот на ИГФ во Атина може да се смета за успешен ако добар дел од оние што присуствуваа на истиот заминат со некои променети предубедувања, или, уште подобро, со некои идеи за тоа како ќе работат поразлично во нивните области на одговорност“, напиша Десаи во натписот што го пренесе ББС во понеделникот. „Степенот на успех ќе биде уште повисок ако некои практични партнерства произлезат од паузите помеѓу состаноците. Но, најдобро мерило за успехот ќе биде ако оние што дојдоа во Атина одлучат повторо да дојдат на ИГФ во Бразил во 2007 година, на ИГФ во Индија во 2008 година и на ИФГ во Египет во 2009 година.“

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading