19/10/2006
Околу 18 милиони деца во Југоисточна Европа и поранешните советски републики сé уште живеат во крајна сиромаштија, објави УНИЦЕФ во средата.
(The Scotsman - 19/10/06; УНИЦЕФ, прес-центар на ОН, АП, ББС, РФЕ/РЛ - 18/10/06)
![]() Дете се движи по тесното патче помеѓу куќите во ромското гето во Софија. Новото истражување на УНИЦЕФ покажа дека нивото на детската сиромаштија во регионот останува високо. [Getty Images] |
И покрај тоа што значително се намали од 1998 година досега, нивото на сиромаштија на децата во Југоисточна Европа (ЈИЕ) и Комонвелтот на независни држави (КНД) е сé уште премногу високо, според новото истражување на УНИЦЕФ, објавено во средата (18-ти октомври).
Бројот на децата под 15 години кои живеат со помалку од 1.72 евра на ден е намален од 32 милиони пред осум години, на 18 милиони во 2003 година, последна година за која има расположиви податоци, се вели во извештајот на Истражувачкиот центар на УНИЦЕФ „Иносенти“. Но, едно на секои четири деца во оваа возрасна група сé уште живеат во екстремна сиромаштија, заклучува извештајо.
Процентот се движи од 5 отсто во БиХ до 80 отсто во Киргистан, според истражувањето. Стапката на сиромаштија е повисока за децата во секоја од опфатените земји, отколку за возрасните.
Истражувањето на 135 страници покрива шест земји од ЈИЕ - Албанија, Босна и Херцеговина (БиХ), Бугарија, Хрватска и Романија - и сите поранешни советски републики, освен Естонија, Латвија и Литванија, кои пристапија во ЕУ во 2004 година. Србија и Црна Гора сé уште биле дел од заедничката држава во годината кога овие бројки биле на располагање, така што тие се вклучени во извештајот како единствена држава.
Процентот на деца што живеат со помалку од 2.15 американски долари во 2003 година во Македонија и во Србија и Црна Гора бил 6, односно 7 отсто. Во Бугарија, тој изнесувал 8 отсто, двојно повеќе од возрасните што живееле во крајна сиромаштија. Стапката на сиромаштија помеѓу децата во Романија и Албанија изнесувала 21 отсто, односно 30 отсто.
Според директорката на истражувачкиот центар „Иносенти“, Марта Сантос Паис, детската сиромаштија станува поконцентирана. Децата во големите семејства или семејства без родител, децата што живеат во институции, во руралните области и неразвиените региони, како и децата од етничките малцинства, се најпогодени, вели таа.
Истражувањето покажа дека економскиот пресврт не резултираше со доволно зголемување во социјалната потрошувачка. Напредокот во намалувањето на стапката на смртност кај децата -- како и зголемувањето на здравствените индикатори и запишувањето во предучилишните установи и високото образование -- е бавен.
„Детската сиромаштија треба да биде број еден грижа на владите во регионот“, рече Марија Каливис, директорка на УНИЦЕФ за регионот на ЈИЕ/КНД. „Децата и понатаму се сместуваат во институции, бројките не се намалуваат, а ова е наспроти остриот пад на стапката на наталитет ... Ако се сака да се постигне вистински потенцијал на сите овие земји, мора да има соодветно инвестирање во службите за децата.“
Иднината на регионот зависи од здравата и образована генерација, велат авторите на извештајот, препорачувајќи им на владите на Балканот и КНД да усвојат политика која ќе има за цел подобрување на добробитот на децата и подобро користење на расположивите ресурси.
Земјите, исто така, се повикуваат да го напуштаат системот на сместување на децата во институции и наместо тоа да одат кон поддршка на семејствата во кризи. Со оглед на демографските проблеми -- падот на стапката на наталитет -- со што особено се соочуваат земјите од ЈИЕ, експертите на УНИЦЕФ препорачуваат многу поголема социјална поддршка за младите семејства.