02/10/2006
Двајца актуелни претседатели во трипартитното претседателство на Босна и Херцеговина се чини дека ги загубија своите места, додека третиот е во мртва трка кон финишот.
(Ројтерс, АФП, ДПА, ББС, ВОА, ФТ, ХИНА - 02/10/06; AП, ДПА, Еуроњус, РФЕ/РЛ, Б92, Сербиана - 01/10/06)
![]() Одѕивот се очекува да биде повисок отколку во 2002 година, велат изборните власти. [Харис Мемија] |
Првичните резултати од општите избори во неделата (1-ви октомври) во Босна и Херцеговина (БиХ) покажуваат дека Харис Силајџиќ, основачот на умерената Партија за БиХ, е фаворит за бошњачкото место во трипартитното претседателство на земјата. Местото резервирано за претставник од босанските Срби се чини дека го освои Небојша Радмановиќ, член на Сојузот на независните социјалдемократи (СНСД) на премиерот на Република Српска (РС) Милорад Додик.
Трката за местото што им припаѓа на босанските Хрвати во понеделникот остана со премногу тесна разлика за да се прогласи победникот и сé уште не беше јасно дали сегашниот претставник на заедницата ќе може да ја задржи функцијата.
Силајџиќ, кој беше министер за надворешни работи на БиХ во периодот 1992-1995 година, а подоцна беше и премиер, освои 38 отсто од гласовите за бошњачкото место. Актуелниот претседавач Сулејман Тихиќ беше втор со 18 отсто.
„Ќе сторам сé што е во моја моќ да им овозможам на босанските граѓани подобар живот“, АП го цитираше Силајџиќ, кој се смета за силен поборник за обединета БиХ. Опишувајќи ги резултатите од гласањето како важен чекор напред кон целосна демократија, тој ја истакна потребата сите политичари во земјата да „работат заедно на тоа Босна да стане подобро место за живеење“.
Радмановиќ, пак, освои околу 56 отсто од гласовите за местото на босанските Срби и ќе го замени актуелниот претседавач Борислав Паравац од Српската демократска партија.
Иро Миро Јовиќ, актуелниот претседавач на местото резервирано за босанските Хрвати, води мртва трка со Жељко Комиќ од мултиетничката партија на социјалдемократите. Во понеделникот изутрина Јовиќ беше во благо водство: 11,83 отсто наспрема 11,41 отсто.
Одѕивот се очекува да биде повисок отколку на изборите во 2002 година, рече претседателот на Изборната комисија, Бранко Петриќ. Сепак, истиот најверојатно ќе биде под 55 отсто. Според првичните резултати од 126 општини, кои беа испратени до комисијата во рок од два часа од повеќето од вкупно 4.300 затворени избирачки места, највисок одѕив од 83 отсто е регистриран во градот Крешево во централна БиХ.
Бројот на лицата со право на глас во БиХ моментно изнесува 2,7 милиони, од 2,3 милиони во 2002 година.
Покрај претседателските избори, Бошњаците, исто така, избираа и членови на парламентот. Со оглед на сложената политичка структура во БиХ, во РС се одржаа и избори за претседател на ентитетот и двајца заменици-претседатели, како и за членови на нејзиниот парламент.
Гласачите во муслиманско-хрватската Федерација на БиХ гласаа за парламентот на ентитетот и за десетте кантонски собранија.
Изборите во неделата се одржаа само неколку месеци пред планираното затворање на Канцеларијата на високиот претставник во јуни 2007 година, по што босанските политичари се очекува да преземат целосна одговорност за иднината на земјата и напредокот кон европската интеграција.
Високиот претставник Кристијан Шварц-Шилинг, кој ќе остане во БиХ како специјален претставник на ЕУ, ќе има значително намалени ингеренции.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's