21/09/2006
По крајот на нивната државна заедница, Србија и Црна Гора сега се обидуваат да формираат одделни професионални армии, помали, но со подобра техничка опрема.
Од Игор Јовановиќ за Southeast European Times во Белград – 21/09/06
![]() Војниците на Националната гарда го креваат српското знаме пред зградата сојузниот парламент во Белград. [Getty Images] |
Заедничката армија на Србија и Црна Гора беше единствената заедничка институција на лабавата федерација која функционираше до самиот крај. Откако Црна Гора ја избра независноста на референдумот на 21-ви мај, двете држави отпочнаа преговори за поделбата на воениот имот.
Според овој договор, двете земји го задржаа воениот имот што се наоѓал на нивните територии за време на постоењето на државната заедница. Сепак, црногорските власти објавија дека сакаат значително да го намалат бројот на војниците и воениот потенцијал. Тоа значи дека поголем дел од оружјето и опремата ќе биде продаден и ќе бидe формирана професионална армија од околу 2.500 припадници. Државната заедница беше обврзана на воен рок и регрутите беа повикувани да служат во армијата шест месеци на возраст помеѓу 19 и 21 година.
Поделбата беше олеснета со фактот што беше планирана -- Црна Гора имаше околу 5,4 отсто од целокупниот борбен потенцијал, што беше еднакво на уделот на републиката во воениот буџет.
Но, ова не важеше за морнарицата, која беше главно лоцирана во Црна Гора. Со крајот на државната заедница Србија остана на копно. Некои во Белград велат дека Црна Гора може да й дозволи на Србија да задржи намалена морнарица на црногорскиот брег.
Србија планира да создаде армија која до 2010 година ќе се состои главно од професионални војници, додека бројот на резервистите ќе биде значително намален. Според официјалните проценки, до 2007 година армијата би требало да има околу 36.000 припадници, наместо сегашните 50.000. Бројот потоа ќе се намали на помалку од 30.000 до 2010 година.
Сепак, српската армија се соочува со недостаток од пари, при што воздухопловните сили се во особено тешка положба. Според заменик-командантот на воздухопловните сили, полковник Небојша Ѓукановиќ, од 240-те авиони и хеликоптери во српската армија, само околу 60 се сé уште во употреба. Најсериозен проблем со кој се соочуваат воздухопловните сили -- кои беа многу погодени за време на судирите со НАТО во 1999 година -- е поправката на нејзините авиони МиГ 29. Таа работа постојано се одложува поради недоволно финансиски средства.
Српскиот устав не ги дефинира јасно ингеренциите на премиерот и претседателот во командувањето со армијата. Поранешниот министер за одбрана на Србија и Црна Гора, Зоран Станковиќ, и претставниците на министерството сега се под надлежност на српската влада, но министерот сé уште нема право да гласа на владините седници.
Српскиот претседател Борис Тадиќ на почетокот од август рече дека нема да дозволи „двојна команда на армијата“. Сепак, ова прашање, најверојатно, нема да биде решено додека не биде усвоен новиот српски устав.