06/09/2006
Во Србија, единствената земја во Европа која не им го врати имотот на своите граѓани конфискуван од страна на комунистите и нацистите, околу 500.000 луѓе чекаат да им бидат вратени имотите.
Од Георги Митев-Шантек за Southeast European Times -- 06/09/06
![]() Поранешните сопственици поднесоа барања за враќање на скоро целиот центар на Белград, оневозможувајќи ги инвестициите во тој дел од главниот град. [AФП] |
Српските граѓани, чиј имот беше конфискуван од страна на нацистите за време на Втората светска војна -- како и потоа од комунистите -- имаат рок до крајот на јуни да поднесат барање за нивната сопственост. Според Директоратот за имот, досега се поднесени помеѓу 100.000 и 150.000 барања. Мрежата за враќање на имотите, која ги здружува поранешните сопственици, проценува дека секој контакт има најмалку три апликации, што значи дека директоратот ќе се справува со околу 500.000 барања.
Според претходните податоци, апликантите кои сега живеат во САД бараат враќање на имотот вреден 500 милиони американски долари, преку амбасадата во Белград.
Податоците покажуваат дека државата одзела 726 милиони метри квадратни -- или 20.000 парцели. Покрај тоа, одземени биле и хартии од вредност, соло меници, интелектуална и индустриска сопственост. Според Законот за денационализација -- кој се очекува да биде усвоен и спроведен до крајот на годинава -- имотот треба да им биде вратен на претходните сопственици. Ако ова биде невозможно, мора да се понуди паричен надоместок. Мрежата за враќање на имотот објави дека имотот ќе може да биде физички вратен во 90 отсто од случаите.
Словенија, Чешка, Словачка и Унгарија го започнаа процесот на враќање на имотот пред 15 години. Бугарија (1992), Германија (1994), Романија, Хрватска и Полска (1996), Македонија (1998), Босна и Херцеговина (2000), Црна Гора (2002) и Албанија (2004), исто така, ги започнаа процедурите на враќање на имотите. Сепак, Србија сé уште ја средува евиденцијата на конфискуваниот имот.
Според законот усвоен во мај, црквите и верските групи ќе го добијат назад својот имот. Според државните податоци, од целиот национализиран имот, околу 3 отсто им припаѓа на црквите и верските заедници.
Враќањето на имотот на вистинските сопственици не претставува само исправување на историската неправда. Кога странските инвеститори се интересираат за купување на земјиште во српските градови, тие се соочуваат со сериозни проблеми во врска со правата на сопствениците на земјиштето.
Сериозните инвеститори не се подготвени да купат земјиште кое, според сегашниот закон, може да се купи за 99 години, со ризик вистинскиот сопственик да се појави и да побара право на истото. Во центарот на Белград, поранешните сопственици поднеле барања за скоро целиот имот во центарот на градот, оневозможувајќи ги инвестициите таму.
При купувањето на општествените или државните претпријатија сега, 5 отсто од цената на купувањето оди во Фондот за враќање на имотите. Фондот има 50 милиони евра. Директорката на Трезорот, Весна Џиниќ, смета дека за да се заокружи целиот процес на враќање на имотите, Србија ќе мора да потроши помеѓу 35 и 200 милијарди евра.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's