30/08/2006
Изјавата на претставникот на ОН за разговорите во врска со Косово, Марти Ахтисари, пред белградскиот преговарачки тим, претходно овој месец, предизвика лавина реакции од страна на српските официјални претставници. Премиерот Воислав Коштуница рече дека владата ќе преземе дипломатски активности.
Од Игор Јовановиќ за Southeast European Times во Белград – 30/08/06
![]() Изјавата на претставникот на ОН за разговорите во врска со Косово, Марти Ахтисари, беше критикувана од страна на српските официјални претставници. [Getty Images] |
Изјавата претходно овој месец од страна на специјалниот претставник на ОН, Марти Ахтисари, предизвика обвинувања од страна на српските функционери дека претставникот е наклонет кон етничките Албанци во Косово. Српскиот премиер Воислав Коштуница во вторникот (29-ти август) рече дека владата ќе „преземе дипломатски активности за да ја информира меѓународната заедница за „сериозните предрасуди“ што Ахтисари ги има за српскиот народ“, јави белградската новинска агенција Фонет.
Ахтисари изјави дека „Србите се виновни како нација“ за злосторствата против Албанците во 1998 и 1999 година, пред белградскиот преговарачки тим на 8-ми август.
Портпаролот на генералниот секретар на ОН Брандон Варма рече дека зборовите на Ахтисари биле „извадени од контекст“ и дека „тој само сакал да каже дека историското наследство не може да се игнорира“.
„Кога ќе ја чуете оваа изјава, сите нејасни зборови за потесен или поширок контекст стануваат беззначајни. Српскиот народ добро беше запознаен со единствениот контекст на оваа забелешка“, изјави Коштуница за Фонет.
Ахтисари подоцна се обиде да ја разјасни својата изјава, велејќи „Секоја нација носи товар за кој мора да плати“. И покрај тоа што новото демократско раководство во Белград не може да се обвинува за политиката на поранешниот претседател Слободан Милошевиќ во Косово, рече Ахтисари, „водачите во Белград мора да се соочат со историското наследство и да ја прифатат одговорноста за изминатите години“.
И покрај разјаснувањето, српските официјални претставници го критикуваа Ахтисари. Директорката на српскиот координативен центар за Косово, Санда Рашковиќ-Ивиќ, во понеделникот рече дека српските власти ќе побараат од генералниот секретар на ОН, Кофи Анан, да го исклучи Ахтисари од идните разговори за статусот на Косово.
Во интервјуто за Радио Слободна Европа, Рашковиќ-Ивиќ рече дека изјавата на Ахтисари, во која тој ги обвинува Србите колективно за ситуацијата во Косово „го деградира и навредува српскиот народ“, ставајќи го него јасно на страната на преговарачите од косовските Албанци.
Изјавата на Ахтисари беше главната тема на состанокот на белградскиот преговарачки тим во понеделникот. Членовите на тимот рекоа дека Ахтисари дејствувал спротивно од „мандатот што го добил од генералниот секретар на ОН“ и дека тој „сериозно ја загрозил својата позиција на специјален претставник на генералниот секретар на ОН за идниот статус на Косово“. Белградскиот тим е предводен од Коштуница, српскиот претседател Борис Тадиќ и министерот за надворешни работи, Вук Драшковиќ.
„Би било пребрзано денес да се носи заклучок дали Србија треба да побара отповикување на Ахтисари“, рече Коштуница на состанокот. „Ќе видиме што ќе направи Ахтисари по ова и, исто така, ќе видиме какви резултати ќе донесе нашето дипломатско дејствување.“
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's