15/08/2006
Сигнализирајќи ја повторно својата подготвеност да им се придружи на предложените мировни сили на ОН во Либан, Турција во понеделникот одлучи да ја почека новата резолуција на Советот за безбедност, која ќе фрли повеќе светлина врз мандатот на мисијата, пред да даде свој придонес.
(Њујорк тајмс, Гардијан - 15/08/06; AФП, АП, ФТ, АКИ, ЕУобсервер, НТВ МСНБЦ, Тркиш прес, Тркиш дејли њус, Зама, Хуријет, Journal of Turkish Weekly - 14/08/06)
![]() Турција ќе испрати војници во Либан откако ќе биде издадена новата одлука на Советот за безбедност на ОН, изјавија официјалните претставници. [Getty Images] |
Неколку часа откако стапи на сила прекинот на огнот помеѓу Израел и Хезболах, турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган и највисоките владини и воени официјални претставници се состанаа во понеделникот (14-ти август) на разговори околу евентуалното учество во предложените мировни сили на ОН во Либан.
Во последниве месеци, Турција постојано ја изразуваше својата подготвеност да й се придружи на меѓународната мисија за стабилизирање на Либан. По скоро два часа разговори во понеделникот, сепак, официјалните претставници одлучија да почекаат додека не биде разјаснет мандатот на силите, пред да дадат свој придонес.
Изјавата беше издадена откако на состанокот беше поздравена резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН, усвоена едногласно во петокот. Турција, се вели во неа, ја „проценува својата улога“ во Привремените сили во Либан (УНИФИЛ), кои се распоредени од 1978 година и моментно бројат 2.000 војници, но - како што предложи Советот - треба да се зголемат на 15.000.
Мировниците се очекува да го спречат влегувањето на борците на Хезболах во зоната од 30 километри помеѓу Сината линија - граничната линија помеѓу Либан и Израел, која ја одбележаа ОН во 1978 година - и реката Литани во Либан.
Според резолуцијата од петокот, либанската влада и УНИФИЛ се очекува да започнат со распоредување на своите сили заеднички низ цел јужен Либан, истовремено со повлекувањето на израелските сили од регионот.
Во тек се интензивни меѓународни напори за осигурување на посветеноста на војниците и утврдување на мандатот на проширените УНИФИЛ.
„Новата резолуција што ќе биде усвоена во Советот за безбедност на ОН во следните денови се очекува да ги расјасни работите“ во поглед на планираното распоредување, АФП ја цитираше изјавата од канцеларијата на Ердоган во понеделникот. „Турција ќе го разгледа својот евентуален придонес во пронаоѓањето на трајно решение на проблемот (во Либан) во врска со распоредувањата.“
На состанокот во канцеларијата на Ердоган присуствуваше министерот за надворешни работи, Абдула Ѓул, министерот за одбрана, Веџди Ѓонул, началникот на Генералштабот, Хилми Озкок, и неговиот наследник, командантот на копнените сили, Јашар Бујуканит, кој набргу ќе ја преземе функцијата.
Во извештајот на турскиот весник Хуријет од понеделникот се вели дека Турција, која има пријателски односи како со Израел, така и со Либан, ја разгледува можноста да учествува со неборбени сили од 800 до 1.200 свои војници, кои ќе имаат исклучиво мировна улога.
Каква и да е одлуката за придонесот на Турција во УНИФИЛ, ќе биде потребен декрет од владата и нејзино одобрување од страна на парламентот.
Франција, чиј генерал Ален Пелегрин, е актуелен командант на УНИФИЛ, се очекува да ја задржи одговорноста за силите и по нивното зголемување. Франција, наводно, планира да учествува со најголем контингент од вкупно околу 5.000 војници, додека Италија се очекува да испрати помеѓу 2.000 и 3.000 војници. Други земји кои, најверојатно, ќе учествуваат со свои војници се: Австралија, Финска, Индонезија, Малезија, Нов Зеланд, Португалија и Шпанија.
Велика Британија ја отфрли можноста за каков било значителен придонес. Германија сé уште нема донесено одлука, но вели дека би учествувала само со неборбени сили.