09/08/2006
Кама стара 5.000 години и повеќе од 500 други златни предмети пронајдени неодамна од страна на археолозите во централна Бугарија фрлија нова светлина врз античката тракиска цивилизација.
(Индипендант, УПИ - 08/08/06; AП, АВЦ, Софиска новинска агенција, Новинска агенција Фокус - 07/08/06; Ројтерс, ДПА, ББС, ВОА, Скотсмен, Софиска новинска агенција - 06/08/06)
![]() Тракиската златна кама и парчиња накит кои датираат од 3-тиот милениум п.н.е се изложени во Националниот музеј на историјата во Софија. [Getty Images] |
Неодамна откопаната ризница на злато, која вклучува и ретка, 5.000 години стара кама, беше изложена во Националниот музеј на историјата (НМИ) во Софија во средата (9-ти август).
Камата долга 16 сантиметри и 545 парчиња тракиски златен накит, кои датираат од 3-тиот милениум п.н.е, беа откриени во близина на централното бугарско село Дабене, околу 120 километри источно од главниот град, за време на ископувањата што ги водеше археологот Мартин Христов.
„Ова е навистина сензационално откритие“, рече директорот на НМИ, Божидар Димитров, во неделата, кога беше објавено пронаоѓањето на ризницата. „Камата, за која веруваме дека е направена од злато и платина, најверојатно му припаѓала на некој тракиски владетел или свештеник. Досега не е пронајдено ништо слично во легендарниот град Троја“, додаде тој.
Камата е совршено сочувана и исклучително остра, така што човек може дури и „да се бричи со неа“, рече Димитров.
Ископувањата во близина на Дабене започнаа скоро пред две години, откако археолозите на НМИ видоа жена на еден селанец како носи златен ѓердан со извонредна изработка. Жената им кажа дека нејзиниот сопруг го пронашол додека копал на својата нива со трактор.
По десетмесечни ископувања на три ритчиња во близина на селото, археолозите рекоа дека откопале повеќе од 15.500 минијатурни ѓердани и прстени, кои биле делови од различни парчиња накит, за кои се вели дека се повеќе од 4.000 години стари. Предметите можеби биле носени како дел од погребна церемонија. Рачната изработка се вели дека е на експерт -- на пример, местата каде што алките се споени се невидливи со обичен микроскоп.
Археолозите првично претпоставија дека ги откриле остатоците на антички центар за обработка на метали. Но, бидејќи досега не се откриени траги од населба или замок кај Дабене, тие сега веруваат дека местото било користено за да им се оддаде почит на боговите, особено Геа, божицата на земјата.
„Ритчињата се чини дека биле дел од еден комплекс“, рече Христов. „Некои од нив личат на гробници, додека другите се чини дека биле ритуални места каде што античките луѓе ги закопувале подароците за боговите.“
Според истите извори, Тракијците живееле во сегашна Бугарија и делови од модерна Грција, Романија, Македонија и Турција помеѓу 4.000 г.п.н.е и осмиот век од н.е., а потоа Словените кои ги окупирале овие територии ги асимилирале. Други велат дека биле апсорбирани многу порано -- околу 45 година пред.н.е. И покрај тоа што Тракијците ги населувале овие места најмалку 4.000 години, малку се знае за нивната мистериозна цивилизација, со оглед на тоа што тие немале пишани јазици и не оставиле трајни записи.
Некои експерти велат дека камата и златниот накит пронајдени досега кај Дабене биле дело на народ што му претходел на Тракијците.
Изминативе две години беа исклучително продуктивни за бугарските археолози. Помалку од месец пред да биде објавено пронаоѓањето на 15.000 парчиња од ризницата кај Дабене, археолозите откопаа уникатна колекција од 50 парчиња на 2.400 години старо тракиско богатство, кое вклучува и златен венец со ликот на грчката божица Нике.
Во 2004 година, златна маска со големина на чинија, слична на „Маската на Агамемнон“ откриена од страна на Шлиеман во Троја, беше откопана во централна Бугарија.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's