01/08/2006
Србија ќе продолжи да се противи на независноста на Косово дури и ако тоа им штети на нејзините напори за влез во ЕУ, изјави премиерот Воислав Коштуница за еден белградски весник.
(ЕУобсервер, Блиц - 01/08/06; АП, Ројтерс, ББС, СНН, АКИ, Радио Б92, Бета - 31/07/06)
![]() Српскиот премиер Воислав Коштуница вели дека Белград може да се согласи за „суштинска автономија“, но не и за независност на Косово. [Getty Images] |
Србија нема да ја прифати независноста како решение за прашањето на статусот на Косово, дури и ако тоа им наштети на нејзините заложби за членство во ЕУ, рече премиерот Воислав Коштуница во интервјуто објавено во понеделникот (31-ви јули).
„Србија ќе го отфрли решението кое ќе го оддалечи Косово од Србија и, што е многу важно, ќе продолжи да го смета Косово за дел од својата територија“, изјави тој за белградскиот весник Данас.
Според Коштуница, некои во меѓународната заедница предложиле Србија да се откаже од Косово за членството во ЕУ. И покрај тоа што за влез во Унијата потребно е да се исполнат одредени услови, тоа не вклучува и „територијални отстапки“, рече премиерот.
Законски сé уште дел од Србија, Косово е под администрација на ОН од јуни 1999 година, кога со 78-дневната интервенција на НАТО беше ставен крај на борбите помеѓу герилците од косовските Албанци и српските сили обвинети за етничко чистење во покраината.
Во конфликтот од 1998 до 1999 година загинаа околу 10.000 косовски Албанци, а околу 800.000 илјади беа принудени да ги напуштат своите домови. Денес, околу 100.000 етнички Срби сé уште живеат во покраината, каде што мнозинството на етничките Албанци сочинува околу 90 отсто од населението од вкупно 2 милиони жители.
Разговорите предводени од ОН за одредување на конечниот статус на Косово - вклучувајќи го и состанокот на високо ниво на 24-ти јули - допрва треба да покажат значаен чекор напред. Двете страни остануваат со длабоко спротивствени ставови, при што косовските Албанци велат дека нема да прифатат ништо помалку од независност, додека Србија инсистира дека ќе се согласи само на „суштинска автономија“.
Цитирајќи западни дипломати, Ројтерс објави дека мнозинските сили вклучени во процесот на решавање на статусот не гледаат друга алтернатива освен независност, под надзор на ЕУ и НАТО во следните години.
Специјалниот претставник на ОН, Марти Ахтисари, рече дека планира во септември да го информира Советот за безбедност на ОН за преговорите во врска со статусот. Ако не биде постигнат договор, Советот за безбедност би можел да наметне решение.
„Ставот на Србија е да се потврди дека Косово е дел од Србија“, рече Коштуница. „Ова не е празна реторика, туку правна и уставна формулација.“
Но, тој се дистанцираше од неодамнешната изјава на Томислав Николиќ, заменик-претседателот на ултранационалистичката Српска радикална партија, кој рече дека Србија „треба да се бори за Косово“ во случај покраината да добие независност.
„Србија досега посегаше само по правни аргументи, а не употреба на сила“, рече Коштуница. „Така ќе дејствуваме и во иднина.“
Српскиот министер за одбрана, Зоран Станковиќ, во понеделникот рече дека армијата не се подготвува за војна во случај на евентуално отцепување на Косово. „Не размислуваме за вооружен конфликт, ниту, пак, имаме намера да ги подготвиме вооружените сили за активно учество во вооружен конфликт“, рече министерот за време на посетата на Нови Сад.
Во меѓувреме, следниот, дводневен круг разговори за Косово е закажан за 7-ми август и се очекува да се фокусира на локалните реформи и малцинските права.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's