31/07/2006
Двете страни во преговорите за статусот на Косово мора да покажат флексибилност за да може да се постигне договор пред крајот на годинава, рече американскиот претставник Френк Визнер за време на неговата посета на Белград и Приштина.
Од Берта Фониќи за Southeast European Times во Приштина – 31/07/06
![]() Косовскиот претседател Фатмир Сејдиу (десно) го пречека американскиот специјален претставник за разговорите околу статусот на Косово, Френк Визнер, во четвртокот (27-ми јули) во Приштина. [Лаура Хасани] |
Специјалниот американски претставник за процесот на решавање на статусот на Косово, Френк Визнер, минатата недела беше во Белград и Приштина на разговори со двете страни. И покрај тоа што САД вршат притисок за постигнување на решение оваа година, не сакаат да влијаат врз преговорите со заземање став за иднината на Косово, рече тој.
„Нема да даваме мислења за статусот на Косово во оваа фаза, бидејќи сметаме дека е важно да се постигне договор помеѓу двете страни и преговарачите“, рече тој.
Потребна а флексибилност од двата преговарачки тима во текот на новата, „забрзана“ фаза од дискусиите, рече претставникот. „Има само уште неколку недели пред интензивираните преговори. Постигнувањето на реални решенија во тие преговори треба да биде наш главен приоритет и ние треба да завршиме со таа работа пред да се свртиме кон следниот чекор“, рече тој.
И покрај тоа што Вашингтон не застапува ниту едно конкретно решение, тој дава силна поддршка за позицијата на Контакт-групата дека не смее да има поделба на Косово, изјави Визнер.
Принципот на неделивост „се почитува во меѓународната правна пракса и е политички принцип важен за сите нации во оваа западна балканска област“, рече Визнер. Способноста да се одржи стабилноста и мирот во регионот е директно поврзана со тоа, додаде тој.
Покрај ова, рече Визнер, секој договор што ќе биде постигнат мора да биде договор што ќе ги заштитува малцинствата во Косово и ќе им овозможи да водат пристоен живот. Тој ја истакна потребата од спроведување на конкретни мерки, вклучувајќи и „реални решенија“ кои имаат за цел заштита на црквите, културното наследство и општините.
Посетата на Визнер се случи веднаш по таканаречениот „состанок на слоновите“ на високите српски водачи и водачите на косовските Албанци во Виена. И покрај тоа што делегациите не направија ништо повеќе од изнесување на нивните утврдени позиции за Косово - при што албанската страна бара, а српската страна се противи, на целосна независност - седницата сепак се смета за многу важен настан.
Во меѓувреме, нова рунда технички разговори е закажана за 7-ми и 8-ми август. Фокусот ќе биде ставен на децентрализацијата и малцинските права.