Албанија и Црна Гора сега се поврзани преку Скадарското Езеро

20/07/2006

Во знак на зголемениот развој и соработка, на албанско-црногорската граница беше отворен нов граничен премин.

Од Ерлис Селимај за Southeast European Times во Тирана – 20/07/06

photo

Скадарското Езеро е најголемо на Балканот. [albaniabridge.co.uk]

Албанија и новата независна држава Црна Гора го отворија својот четврт граничен премин минатиот месец. Познат како Мостот Буна, истиот поминува преку езерото кај Скадар, кое се наоѓа западно од градот. Претходно земјите беа поврзани преку граничниот премин кај Хани Хотит-Бозај, Муриќан-Сукобине и Вермош-Грчац.

На граничниот премин пристигнаа два брода, со граѓани и делегации високи официјални претставници од Албанија и Црна Гора, од кои црногорската ја предводеше црногорскиот министер за животна средина, Боро Вучиниќ. Двете страни ветија дека ќе работат заеднички на заштитата и развојот на оваа област околу Скадарското Езеро.

Претседателката на албанскиот парламент, Џозефина Топали, исто така, присуствуваше на церемонијата. „Отворањето на овој граничен премин претставува важен настан за овој регион. Истото создава можности за одржлив развој на туризмот овде и потенцијал за трговски односи преку обезбедување на поголем профит за граѓаните на Скадар“, рече таа.

Невладините организации кои имаат проекти за оваа област, треба да ги спроведат истите што е можно побргу“, додаде Топали.

Скадарското Езеро е најголемо езеро на Балканот. Тоа има површина од 368 километри, од кои 169 й припаѓаат на Албанија, а остатокот на Црна Гора. Градот Скадар е еден од најстарите и најисториски во Албанија, кој функционира како важен културен и економски центар. Населеноста се движи од 90.000 - и ако се вклучи и околниот регион - до 110.000 жители. Мостот долг 40 километри кај Буна, кој претставува витална врска помеѓу градот и околните туристички места, беше реконструиран во 2002 година, по делумното паѓање.

За време на посетата во мај, премиерот Сали Бериша рече дека властите работат напорно на развојот на овој дел од земјата. Тој ги повика локалните власти во Скадар да соработуваат со црногорските власти во размената на разузнавачки информации и создавање на нови области за меѓурегионална соработка.

Според Бериша, таквата соработка ќе им помогне на двете земји да го отворат патот кон развојот на регионот што им е заеднички.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading