04/07/2006
Навредата на пратеникот на српската Радикална партија Зоран Красиќ, упатена кон член на владата минатиот месец, резултираше со повици за укинување на партијата.
Од Давор Коњикушиќ за Southeast European Times од Загреб - 04/07/06
![]() „Кога ќе се случи вакво нешто, јавното извинување е повеќе од потребно, како знак на подготвеност за ставање крај еднаш засекогаш на секаков вид етничка дискриминација“, рече српскиот премиер Воислав Коштуница, реагирајќи на инцидентот. [Getty Images] |
Обвинителите во Белградскиот окружен суд мора да одлучат дали да започнат правна постапка против ултранационалистичката Српска радикална партија (СРП) за говор на омраза и етничка навреда, по вербалниот напад во парламентот минатиот месец врз еден член на владата. На 28-ми јуни прозападната партија Г17 Плус поднесе петиција во која повикува на забрана на партијата.
„Ние сметаме дека во изминативе 16 години официјалните претставници и водачите од СДП користеа јазик на омраза и покажаа национална, верска и расна нетрпеливост почесто отколку што покажаа демократски принципи на работа“, Радио Б92 ја цитираше изјавата на правниот експерт на Г17 Плус, Александар Николиќ. Повеќе од 70.000 лица ја потпишаа петицијата, додаде тој.
Последниот инцидент се случи за време на парламентарната дебата за законот за плати на државните службеници. Пратеникот од радикалите, Зоран Красиќ, „се нафрли“ врз тогашниот министер за земјоделство, Ивана Дулиќ-Марковиќ -- која потоа стана вицепремиер -- напаѓајќи го нејзиното хрватско етничко потекло и нарекувајќи ја усташ.
Очигледно потресената Дулиќ-Марковиќ рече дека таа и нејзиното семејство се горди српски државјани. „Јас само сакам да кажам дека ова е говор на омраза и хаос, кој кажува повеќе за оние што го користат, отколку за моето семејство. Моето семејство е почитувано и ние сме горди што сме граѓани на Србија и Војводина“, рече таа.
Вербалната навреда ќе ја поттикне да се бори уште пожестоко за европска Србија и за реформи, додаде таа.
Според законот, Красиќ и неговата партија можат да бидат тужени за поттикнување на етничка, расна и верска омраза, безредие и нетолеранција. Казните за ваквите дела се движат од шест месеци до пет години во затвор, и некои побараа да му се одземе парламентарниот имунитет на Красиќ.
СРП, која одби да се дистанцира од коментарите или да се извини, може да биде забранета на уставна основа, велат експертите. Според уставот, поттикнувањето на етничка, радикална и верска нетолеранција е една од основите за забрана на активностите на некоја политичка партија или организација.
Реагирајќи на нападот врз член на неговата влада, премиерот Воислав Коштуница рече дека омразата и понижувањето насочени кон поединци се длабоко спротивни на српската традиција.
„Кога ќе се случи вакво нешто, јавното извинување е повеќе од потребно, како знак на подготвеност за ставање крај еднаш засекогаш на секаков вид етничка дискриминација“, рече тој.
На 20-ти јуни парламентот ја избра Дулиќ-Марковиќ за заменик-премиер. Како прва жена на оваа функција, таа го наследи поранешниот претседател на Г17 Плус, Мирољуб Лабус.
Некогаш приврзаник на режимот на Милошевиќ, СРП се обидува да извлече корист од економските проблеми во Србија, како и од огорченоста кон Хашкиот трибунал и косовското прашање. Основачот на партијата, Воислав Шешељ, е притворен во Хаг, каде се соочува со обвинувања за воени злосторства.
Партијата моментно има 80 места во парламентот, што ја прави најголем одделен блок, а анкетите покажуваат дека во последниве месеци поддршката за неа се зголемува.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's