29/06/2006
Голем број млади луѓе во Албанија се соочуваат со сиромаштија, дискриминација и недостаток од образовни можности, според еден неодамнешен извештај. Проблемот е особено нагласен во руралните области и помеѓу ромското население во земјата.
Од Ерлис Селимај за Southeast European Times во Тирана – 29/06/06
![]() Децата бездомници спијат на тротоар во Тирана. Според УНИЦЕФ, повеќе од 290.000 деца во Албанија се соочуваат со сиромаштија и дискриминација. [Getty Images] |
Во поглед на своето население, Албанија се смета за најмлада земја во Европа, со 34 отсто население под 18-годишна возраст. Според УНИЦЕФ, алармантен број млади Албанци живеат во супстандардни услови.
Во неодамнешниот извештај, агенцијата на ОН утврди дека на Албанија й недостига социјална политика за заштита од сиромаштијата, дискриминацијата и социјалното исклучување. Голем број деца многу часови работат или питаат за да преживеат, а некои се шверцуваат во соседна Грција за да работат нелегално, се вели во извештајот.
Според УНИЦЕФ, повеќе од 290.000 луѓе (околу 33 отсто) се соочуваат со сиромаштија и дискриминација. Децата од ромското малцинство во земјата се помеѓу најзагрозените, како и децата што живеат во руралните и планинските области. Феноменот на крвната одмазда уште повеќе го отежнува проблемот, вели УНИЦЕФ, кој, исто така, заклучува дека сé уште нема ефикасна владина политика и легислатива.
„Исклучувањето на одредени категории деца во Албанија претставува резултат на сиромаштијата, миграторните движења, слабостите на владата и недостатокот на соодветен, комплетен закон. Како резултат на овие причини, децата имаат помалку можности да добијат образование. Помеѓу сиромашните деца, само две од десет се запишуваат во средните училишта“, се вели во извештајот на агенцијата.
Во просек, ромските деца добиваат само четири години образование, се заклучува во истиот.
Голем број деца на возраст помеѓу 12 и 17 години се обрзани да работат и по седум часови на ден, шест дена во неделата, што води до прекин или напуштање на образованието, според УНИЦЕФ.
Албанскиот претседател Алфред Мојсиу ја истакна потребата од тоа детските права да станат приоритет, повикувајќи на „единствен социјален и национален систем“, кој истовремено ќе гарантира законски права на младите луѓе и ќе ги реши главните причини за нееднаквоста -- високата стапка на сиромаштија, невработеноста, лошото раководење, организираниот криминал, детскиот труд и напуштањето на училиштата, особено во руралните области.
Владата ја подобрува националната стратегија за децата -- што беше за првпат подготвена пред пет години. Еден од најважните чекори кои се истакнати во стратегијата е воспоставувањето на специфични државни структури кои ќе ја следат состојбата со правата на децата.
Албанските власти, исто така, соработуваат со соседните земји во решавањето на проблемот со трговијата со деца. Во февруари Албанија и Грција го потпишаа долгоочекуваниот билатерален договор за ова прашање.