16/06/2006
Поминаа два натпревари од групата Ц на Светското првенство во Германија, а на Србија и Црна Гора не й преостана нешто повеќе од очај. Аргентина, со головите на Макси Родригез (во 6-тата и во 41-вата минута), Камбиасо (во 29-тата минута), Креспо (во 78-мата минута), Тевез (во 84-тата минута) и Меси (во 88-мата минута), во петокот во Гелсенкорхен им одржа на „Сините“ освестувачка лекција за модерен фудбал.
Од Георги Митев-Шантек за Southeast European Times -- 16/06/06
![]() Навивач на Србија и Црна Гора во центарот на Белград реагира додека го гледа натрпеварот во петокот против Аргентина, која беше најлошиот досега резултат на „Сините“ на светските шампионати. [Getty Images] |
За Србија и Црна Гора евентуалниот пораз или нерешен резултат не беше прифатлива опција во петокот (16-ти јуни) за нивниот натпревар против Аргентина. Само победата би ги однела во вториот круг од Светското првенство 2006 во Германија.
Но, Аргентина е таа што ја зграпчи приликата, отпочнувајќи го натпреварот со три напаѓачи. Тактиката на тренерот Хозе Пекерман се исплатеше со постигнатите шест гола во мрежата на Драгослав Јевриќ. За „Сините“ ова беше најтешкиот пораз досега на некој светски шампионат.
Ништо не му одеше од рака на тимот на Илија Петковиќ. Одбаната играше без повредениот Немања Видиќ, а Милан Дудиќ беше поставен за првпат на местото на Ивица Драгутиновиќ. Комбинацијата, поставена за првпат, едноставно не можеше да ја одржи линијата против извонредната офанзива на Аргентина.
Во само шестата минута од првото полувреме, Макси Родригез, го постигна првиот гол. Со двојно подавање од левата страна, Аргентина сосема ја совлада одбраната на Србија и Црна Гора. Последната линија на „Сините“ беше со еден играч помалку додека Наѓ го маркираше Рикелме и тоа му даде голем простор на другиот напаѓач од „Албицелесте“. Дудиќ доцна го затвори Родригез, кој без проблем поентираше.
Aргентина играше игра со подавање и нивната средна линија беше ефикасна во задржувањето на топката. Конечно, во 10-тата минута, Ѓорѓевиќ го направи првиот удар од близу за Србија и Црна Гора -- но топката летна далеку. Пет минути подоцна истиот играч му подаде извонредна топка на Кежман, но напаѓачот на „Атлетико Мадрид“ не можеше да постигне гол. При крајот на првото полувреме „Сините“ успеаја да прикажат нешто што наликуваше на игра од средината на полето, иако само со неколку подавања во предната линија.
Но, ако надежите на навивачите на Србија и Црна Гора почнаа да се подгреваат, веќе во 29-тата минута тие примија ладен туш. Со перфектна точност, Аргентиците направија неколку подавања за топката да стигне до Креспо во пенал-линијата. Тој ја замавна до Камбиасо, кој го постигна ударот десно од беспомошниот Јевриќ.
И покрај солидната предност во голови, Аргентина не мислеше да се отпушти. Напротив, на Србија и Црна Гора й недостигаше вистинска креативна искра. Тие не можеа да постигнат ниту еден одржлив напад, а Кежман и Милошевиќ останаа изолирани напред.
Десет минути по вториот гол, „Албицелесте“ направи уште поголема магија. Савиола му ја украде топката на искусниот одбранбен играч на „Шалке“ Крстајиќ, потоа го надигра Наѓ и удри кон голот. Голманот на Србија и Црна Гора ја одби топката -- но за жал во правец на Макси Родригез. На семафорот сега пишуваше 3:0.
По паузата Петковиќ го извади Наѓ, а подоцна и Короман. За кусо време замените внесоа живост на средината на полето на Србите. Ударот од далечина на Милошевиќ го принуди голманот Абонданзиери да ја преврти топката. Дуљај, од гол линијата, го одбра Кежман. Тој му подаде висока топка назад на Милошевиќ, а напаѓачот на „Осасуна“ со глава ја удри далеку од десната статива. На крајот Србија и Црна Гора заврши само со црвен картон за Кежман во 65-тата минута. Со еден играч помалку „Сините“ ја загубија понатамошната мотивација.
Ниту за момент Аргентинците не се олабавија и не играа само да го одржат резултатот. Пекерман внесе двајца напаѓачи, „Бразилците“ Карлос Тевез и Лајонел Меси, најверојатно најталентираниот млад фудбалер во светот, како замена за Савиола и Родригез. Само четири минути по влегувањето, Меси истрча налево и го пронајде Креспо далеку кај стативата. Сé што требаше да направи напаѓачот на Челзи е да ја истркала топката во голот.
Нападот продолжи. Карлос Тевез доби фино подавање од центарот и наскоро Јевриќ беше во негова милост - со резултат 5:0. Голманот на Србија и Црна Гора поразен само двапати во претходните два натпревари, претрпе дополнителна катастрофа четири минути подоцна, неможејќи да ја запре увежбаната акција на Меси.
„Албицелесте“ го загарантира своето учество во вториот круг на импресивен начин, додека на „Сините“ и на нивните очајни навивачи, им остана само да повратат нешто самодоверба. Тие ќе имаат шанса да го сторат тоа на 21-ви јуни против Брегот на Слоновата Коска.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's