Проекти и планови за модернизација на пристаништето во Драч

29/05/2006

Европската инвестициона банка и ЕБРД финансираат проекти во Албанија за модернизација на најголемото пристаниште во земјата, Драч. Пристаништето, преку кое се врши скоро 65 отсто од увозот и извозот во земјата, претставува, исто така, и врата за остатокот од регионот.

Од Ерлис Селимај за Southeast European Times во Тирана -- 29/05/06

photo

Проектите за пристаништето во Драч имаат за цел да ги зголемат нивоата на безбедност за движењето на стоката и луѓето, истовремено спречувајќи го шверцот со луѓе и дрога. [НАТO]

Европската инвестициона банка (ЕИБ) и ЕБРД стојат зад проектот во Албанија за трансформирање на најголемото пристаниште во земјата во голема регионална точка на поврзување. Планот е да се модернизира пристаништето и да се достигнат европските стандарди, додека, истовремено, другите проекти ќе ја подобрат инфраструктурата и услугите.

Хрватско градежно претпријатие го заврши проектот вреден 10,5 милиони евра претходно овој месец, со кој беа уништени неколку стари згради и беа подобрени условите во оваа област кои се користат за увоз и извоз и транспорт на стока.

Албанскиот министер за транспорт и телекомуникации, Љулзим Баша, рече дека проектот претставува еден од чекорите за трансформацијата на пристаништето во Драч. „Важен чекор е да се има пристаниште со меѓународни стандарди, тоа да се трансформира за кратко време во важна точка на поврзување за регионот“, рече Баша.

Албанските власти ги завршуваат преговорите за еден друг договор со ЕИБ и ЕБРД, за финансирање на реконструкцијата на патничките терминали во Драч. Баша рече дека Албанија преговара за финансирање од 22 милиони евра, кое целосно ќе го промени пристаништето.

„Ние, исто така, подготвуваме реформи во врска со менаџментот на пристаништето во Драч, и, исто така, во другите албански пристаништа. Ние имаме за цел нив да ги дадеме под концесија, бидејќи сметаме дека тоа е подобар начин за ефикасно користење на капацитетите што ги нудат“, рече Баша.

Проектите во пристаништето во Драч имаа за цел зголемување на нивото на безбедноста во движењето на стоката и луѓето, истовремено спречувајќи ја трговијата со луѓе и дрога.

Пет пристаништа во Албанија се отворени за меѓународен сообраќај: Драч, Валона, Саранда, Шенѓин и Химара - со просек од околу 5 милиони тони товар годишно. Драч е најголемото пристаниште во Албанија - преку кое се одвива околу 90 отсто од меѓународната трговска тонажа на земјата и 65 отсто од вкупниот извоз и увоз во земјата.

Владата спроведува мастер план за развој на пристаништето - кој има за цел подобрување на капацитетот и ефикасноста. Индустрискиот парк на Драч го промовира ЕБРД и се планира да биде изграден надвор од градот. Владата, исто така, инвестираше државни пари за модернизација на пристаништата Валона, Саранда и Шенѓин.

Како западен крај од Пан-европскиот транспортен коридор VIII, пристаништето Драч има основна улога во економскиот развој на земјата и регионот на Западен Балкан, вели ЕИБ.

Драч е, исто така, важен и за туризмот. Пристаништето се смета за албанска врата - не само за пристигнување и заминување на бродови со стока, туку и за патниците, бидејќи тоа секој ден е поврзано со бродовите на италијанските пристаништа Бари (на оддалеченост од 300 километри) и Бриндизи (на оддалеченост од 200 километри).

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading