10/05/2006
Состанокот во петокот помеѓу премиерите на Косово и Македонија се фокусираше на одбележувањето на границата, при што двете страни се потрудија да го потиснат дипломатскиот судир во врска со ова прашање минатиот месец.
Од Марина Стојановска за Southeast European Times во Скопје – 10/05/06
![]() Македонскиот премиер Владо Бучковски (лево) се поздравува со косовскиот премиер во посета на земјата, Агим Чеку, во зградата на владата во Скопје во петокот (5-ти мај). [Getty Images] |
Премиерите на Косово и Македонија, Агим Чеку и Владо Бучковски, се состанаа во Скопје во петокот (5-ти мај) - што беше првпат еден премиер од покраината под администрација на ОН да биде примен во зградата на македонската влада. За време на неговата посета Чеку, исто така, се состана со опозициските водачи и присуствуваше на бизнис семинарот за соработка.
Бучковски и Чеку се потрудија да му стават крај на дипломатскиот судир што се разгоре по изјавата на Чеку во април дека договорот за границата потпишан од страна на Србија и Црна Гора и Македонија во 2001 година не е валиден. Тој подоцна се дистанцираше од оваа изјава, потврдувајќи дека договорот ќе се почитува во практиката. За време на нивните разговори во петокот, двајцата водачи се согласија дека прашањето треба да се решава кога ќе дојде вистинското време за тоа.
„Станува јасно дека одбележувањето на границата претставува техничко, а не политичко прашање“, рече Бучковски. „Со јасно изразената подготвеност од косовската страна, ние, политичарите, останува само да се фотографираме покрај некој симболичен камен на денот на одбележувањето.“
Прашањето ќе биде решено кога од другата страна ќе имаме партнер со меѓународен легитимитет“, рече Бучковски. „Американски и македонски картографи ќе се погрижат за техничките детали“, рече тој.
Чеку излезе со сличен, позитивен тон. „Ние тргнуваме од принципот дека нема да има промена на границите, што е, исто така, принцип и на Контакт-групата. За нас, демаркацијата претставува техничко прашање што ќе го решиме во духот на доброто пријателство кога ќе дојде вистинското време“, рече Чеку.
За време на посетата, тој се состана и со водачите на опозицијата и партиите на етничките Албанци. Весна Јаневска од ВМРО-Народна рече дека опозицијата е задоволна од ставот на Косово во врска со неменливоста на gраниците на Балканот.
„Добро е што Македонија и Косово воспоставија нормални односи и сакаат да ги решат проблемите на цивилизиран начин“, рече заменик-претседателот на Демократската партија на Албанците (ДПА) Мендух Тачи.
Исто така, за време на посетата се одржа и бизнис форум. Косовската делегација допатува преку неодамна воспоставената железничка линија Приштина-Скопје. Македонскиот министер за економија, Бесник Фетаи, рече дека изградбата на автопат помеѓу Скопје и Приштина ќе започна набргу, како и дека косовскиот министер за трговија, Бујар Дуголи, го најави отворањето на новата железничка линија Гњилане-Куманово.