18/04/2006
Шефот за безбедност на ЕУ, Хавиер Солана, во понеделникот го повика парламентот на Босна и Херцеговина да ги усвои уставните измени за кои минатиот месец беше постигната согласност.
(ДТТ-НЕТ, ЕУ, ФЕНА, Канцеларија на високиот претставник - 17/04/06)
![]() „Оваа недела босанските парламентарци имаат шанса да испратат позитивен сигнал до Европа дека земјата е подготвена и способна да се реформира“, рече шефот за безбедност на ЕУ, Хавиер Солана. [Getty Images] |
Шефот за безбедност на ЕУ, Хавиер Солана, во понеделникот (17-ти април) ги повика членовите на парламентот на Босна и Херцеговина (БиХ) да ги поддржат клучните уставни амандмани чија цел е зајакнување на централните институции и подобрување на нивната ефикасност. Измените за кои беше постигната согласност од страна на седумте најголеми владејачки и опозициски партии во БиХ минатиот месец, исто така, се очекува да го олеснат напредокот на земјата кон интеграција во ЕУ.
„Го поздравувам напредокот што го постигна Босна и Херцеговина кон реформирањето на уставот“, рече Солана во изјавата пред дебатата во вторникот на комисијата на долниот дом на парламентот за законскиот пакет што ги вклучува предложените уставни измени. „Овие амандмани нудат важен прв чекор кон осигурување на поефикасно функционирање на централните институции во земјата со цел да се исполнат европските стандарди.“
Предложените мерки предвидуваат замена на сегашното Претседателство од три членови со еден, ротирачки претседател и двајца заменици-претседатели. Тројцата - кои ќе ги претставуваат главните етнички групи (муслимани, Хрвати и Срби) - ќе бидат избрани од страна на парламентот, а не директно, како во досегашната пракса, и ќе имаат мандат од четири години.
Според овој договор, бројот на пратениците во долниот дом на парламентот, Претставничкиот дом, постепено ќе се зголемува - од 42 члена во моментов, на 87 члена. Горниот дом од 15 члена, Домот на народите, ќе се зголеми на 21 претставник, со еднаква застапеност на трите најголеми етнички заедници. Сепак, неговите интегренции ќе бидат намалени.
Водачите на седумте политички партии, исто така, се согласија за зајакнување на централната власт во земјата со додавање на две нови министерски места во владата, која моментно ја сочинуваат девет министри, како и за прошурување на ингеренциите на премиерот, со што ќе му се овозможи да вработува и отпушта министри.
„Оваа недела босанските парламентарци имаат шанса да испратат позитивен сигнал до Европа дека земјата е подготвена и способна да се реформира“, рече Солана во понеделникот, придружувајќи им се на другите меѓународни официјални претставници кои повикуваа на брзо усвојување на предложените измени.
БиХ треба да одржи општи избори во октомври. Според законот, амандманите мора да бидат усвоени барем шест месеци претходно, или истите нема да стапат на сила до изборите во 2010 година.
Пред расправата во вторник на Уставната комисија за правни работи на Домот на претставниците (УКПР), владата на БиХ во понеделникот ги усвои предложените измени и повика на подготвување на легислатива која ќе осигури целосно спроведување на договорот за уставните реформи.
„Јас сметам дека ова е толку важно прашање, што целосниот состав на Претставничкиот дом треба да има можност за целосна и искрена расправа“, рече Кристијан Шврац-Шилинг, највисокиот меѓународен претставник во БиХ. „Со оглед на временските рамки поврзани со изборите, тоа мора да се случи без одложување.“
Според извештаите на босанските медиуми кои го цитираа претставникот на УКПР, Мисрад Чеман, теоретски, има шанса предложените амандмани да бидат усвоени од страна на Претставничкиот дом на 25-ти април.
Солана и Шварц-Шилинг во понеделникот истакнаа дека измените за кои беше постигната согласност минатиот месец го претставуваат првиот чекор во еден подолг процес, а за понатамошните уставни реформи ќе се разговара по октомвриските избори.
„Решен сум да преземам активна улога во оваа втора фаза на уставните реформи, но втора фаза може да се изгради само врз основа на успешна прва фаза“, рече Шварц-Шилинг.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's