14/04/2006
Владата на премиерот Реџеп Тајип Ердоган и официјално се одлучи за Синоп како локација за реализирање на амбициозниот проект за нуклеарна енергија, што има за цел задоволување на сé поголемата побарувачка и остварување на енергетска независност.
Од Алан Чове за Southeast European Times во Истанбул -- 14/04/06
![]() Провинцијата Синоп на Црното Море беше избрана од осумте можни локации за предложената нуклеарна централа. [sinop.gov] |
Претседателот на турската Агенција за атомска енергија (ТАЕК), Октај Чакироглу, во средата (12-ти април) потврди дека првата нуклеарна централа во земјата ќе биде изградена во провинцијата Синоп на Црното Море. Објектот се очекува да помогне во задоволувањето на енеретските потреби на земјата во текот на следните 15 години.
TAЕК внимателно ги проучи деталите околу предложените локации, фокусирајќи се на критериумите како што се: температурата на морето, климата, ветерот и воопшто времето, й рече Чакироглу на парламентарната комисија. По изборот на осум можни локации, премиерот Реџеп Тајип Ердоган се одлучи за Синоп, рече тој.
Пилот-реакторот од 100 мегавати ќе биде изграден до 2009 година, по што ќе следат три електроцентрали со вкупен капацитет од 5.000 мегавати, кои се очекува да бидат ставени во функција до 2012 година. Турција има резерви на ураниум од вкупно околу 10.000 тони, според властите -- доволно за најмалку 50 години.
Турците дебатираат околу предностите и негативностите од изградбата на нуклеарна централа скоро 30 години. Претходните влади трипати се обидоа да реализираат еден таков проект, но завршуваа со одложување на своите планови поради противењето на еколошките групи.
Екологистите, како и опозициската Републиканска народна партија, исто така, се спротивставија на проектот Синоп, поради неговата висока цена и загриженоста за безбедноста. Но, министерот за енергија и природни ресурси, Хилми Ѓулер, вели дека властите се решени да го реализираат истиот.
„Реакциите во врска со нуклеарната енергија произлегуваат од недеталното испитување на прашањето. Кога ова прашање ќе биде објаснето во детали, луѓето ќе видат дека нивните реакции се неосновани“, рече Ѓулер.
Сегашната решеност за изградба на нуклеарката е поврзана со растечките цени на горивото и желбата за енергетска независност. Според Ѓулер, Турција мора да инвестира околу 128 милијарди американски долари во енергетската инфраструктура до 2020 година за да го одржи темпото со сé поголемата побарувачка и да се ослободи од зависноста од странската нафта и природен гас.
Тој рече дека сегашните потреби на Турција изнесуваат околу 88 милиони тони нафта, од кои 72 отсто се обезбедуваат од странски добавувачи.